Градската каса „тенка“ за сдсмовци

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Срамно е на хуманитарни организации и активности да се гледа од политички аспект. Ај што згазнаа на хуманоста, туку и отворено велат дека тоа било од партиски причини. Тоа е единственото објаснување на Град Скопје. Не велат дека не чини проектот!

Доколку досега не бевме сосема сигурни, сега веќе комотно можеме да кажеме дека Град Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска не работи во интерес на сите граѓани еднакво, колку и да го говорат спротивното. Тука се само за политички подобните. Оние, за кои тие оцениле дека не спаѓаат во оваа група привилегирани, односно се ориентирани (не дај Боже) кон СДСМ или, пак, се критички настроени кон новата власт – е тие стануваат еден вид граѓани од „втор ред“ во перцепцијата на градско раководство. За нив нема ни поддршка од Градот, нема ништо.

Деновиве пејачката и хуманитарка Кристина Арнаудова, која стои зад „Проект среќа“, јавно обелодени дека нивниот бесплатен летен камп за деца во социјален ризик, каде што во изминативе пет години стотици деца таму за првпат престојувале на летен одмор, годинава не е поддржан од Град Скопје. Се огласија и од Градот со смешно соопштение со кое демек превенирале ширење лажни вести од организации на кои од претходното градско раководство редовно им се доделувале пари.

И, како тоа да беше малку, се истопори на прес-конференција човекот задолжен за објавување кривични пријави, Данијел Апостолоски, кој инаку е советник за односи со јавност (патем, не знам што советува тој, ама односите со јавност на Градот се, благо речено, катастрофа). Советникот без трошка срам објави дека со новиот мандат престанува практиката да се даваат средства на политички подобни организации, чии основачи се политички фигури, кои на овој начин со буџетски средства се самопромовирале. И дека нема да се дозволи СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти.

Значи „Проект среќа“ не добива градска поддршка затоа што биле сдсмовци. Отсега ќе се ценеле само квалитетни проекти на релевантни организации како што е Црвениот крст, но и на над 50 други здруженија на граѓани чии проекти од социјалната сфера биле високо оценети од Комисијата.

А кои се тие здруженија? Ќе се објави ли списокот кои организации добиле годинава поддршка од Градот, наместо ова дводневно фрлање прашина в очи на граѓаните? Па да видиме за какви проекти станува збор? Да видиме за што и кому споменатата Комисија дала високи оценки.

Срамно е на хуманитарни организации и активности да се гледа од политички аспект. Ај што згазнаа на хуманоста, туку и отворено велат тоа било од партиски причини. Тоа е единственото објаснување на Град Скопје. Не велат дека не чини проектот!

За децата, чии родители не можат да им овозможат летен одмор, градската власт не мисли. Деца се, уште не се интересни политички. Доволен им е еден камп, тој на Црвениот крст, па кој отиде, отиде (патем, претходно, двата кампа беа поддржани од Градот, сега овој неподобниот испадна). Го допревме или уште (само) се наѕира дното?

Неодамна беше објавен Светскиот извештај за среќа според кој Финците повторно беа на врвот на листата на најсреќни луѓе. Ние сме на 89 место (сме рипнале пет повисоко), но сепак сме понесреќни од сите жители на балканските држави. Една професорка што живее во Финска објасни дека спокојството и среќата на жителите на оваа држава меѓу другото се должи на големата доверба, од дури 90 отсто, во институциите на секое ниво.

Кај нас во што да веруваш, на која институција? Како и да вртиш, секогаш се граѓаните изиграни. Еве, Град Скопје и Арсовска избираат политички неподобни. Локална власт на која примарно треба да ѝ е да работи во корист на сите жители. Не во корист на своите избирачи.

Старите велат – со свој стап по своја глава. Па, кој како сфати!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот