Град Скопје ќе пробива улица преку дворовите на 16 куќи во Бутел, жителите утре на протест ќе бараат да се помести улицата

Обработка на податоци: Слободен печат
Обработка на податоци: Слободен печат

Жителите од 16 куќи лоцирани на улицата Хо Ши Мин, од број 425 до 439 во населбата Бутел 1, во рок од три дена треба да се откажат од дел од своите дворови кои се државна сопственост, но кои тие ги користат речиси 60 години, затоа што Градот планира да ја пробива улицата Боца Иванова, која треба да минува точно пред нивните куќи. Целта е улицата од кружниот тек во Бутел да се протега до булеварот Христијан Тодоровски Карпош, како што е зацртано во Генералниот урбанистички план 2012-2022 година.

Соопштението до жителите стигнало наместо одговор на нивната петиција доставена до градоначалничката Данела Арсовска, во која тие бараат трасата за предвидената улица да се помести само за неколку метри за да не им ги одземе дворовите, кои тие ги користат цел живот.

 Согласно програмата за уредување на градежното земјиште за 2023 година, Град Скопје започна со активности за реализација на улицата Боца Иванова, КО Бутел. Со цел непречено изведување на градежните работи и реализација на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, ве известуваме дека е потребно во рок од три дена од приемот на известувањето да го ослободите узурпираното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија – стои во известувањето од Град Скопје испратено до секој од потписниците на петицијата.

Жителите се особено револтирани поради тоа што Градот ги нарекува узурпатори на земјиште.

 Узурпатори? Узурпираме? Ние со години се грижиме за тоа земјиште. Просторот пред нас беше полн со ѓубре, беше отпад, ние со наша инвестиција го исчистивме и направивме парк. Дел од дворовите кои се државно земјиште ги користиме од 1964 година, речиси 60 години. Побаравме да се помести трасата, а наместо тоа стигна ова известување. Но ние нема да отстапиме. Единствени сме, ќе протестираме и ќе се обидеме да издејствуваме да се помести трасата за улицата – вели Ваљон Ибраими, еден од засегнатите граѓани.

Жителите, кои за денеска во 10 часот најавија протест на локацијата каде треба да се пробива улицата, се сомневаат дека не се дозволува поместување на улицата затоа што на просторот веднаш од другата страна на замислената улица, кој е државно земјиште, според ДУП се предвидени маркички за изградба на седум згради, па доколку им се удоволи и се премести улицата, тоа би значело одземање од предвидениот простор за изградба на згради.

Затоа тие денеска доставија петиција и до градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој во предизборната кампања за локалните избори им ветил дека нема да дозволи на овој простор да се изградат згради. Тие сега бараат Костовски да го исполни своето ветување и на првата наредна седница да поднесе иницијатива за промена на актуелниот ДУП за овој дел, со која би се избришале маркичките за седумте згради. Покрај тоа, жителите бараат од Костовски да инсистира градските власти да ја сменат трасата и да ја поместат улицата за да не се загрозат нивните дворови.

Особено се револтирани од градоначалничката Арсовска, која и покрај тоа што барале, не ги прима на средба на која би поразговарале за проблемот со кој се соочуваат, иако постојано тврди дека работи во интерес на граѓаните.

 Данела вели дека не му припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, не му припаѓа на СДСМ, дека не припаѓа на ниедна партија. Од ова излегува дека не му припаѓа ни на народот, не се грижи за проблемите на граѓаните, не сака ниту да разговара со нас. Тогаш кому припаѓа и за што се интересира, за седумте згради? – вели Ибраими.

Од Општина Бутел до овој момент нема одговор на прашањето како ќе постапи градоначалникот Костовски и дали ќе го исполни ветувањето дадено на неговите сограѓани. Промената на ДУП-от, донесен на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник Петре Латиновски, може да го направи општинскиот Совет, каде мнозинството го има ВМРО – ДПМНЕ, партијата чиј член е и актуелниот градоначалник. Доколку постои желба, можно е да се избришат маркички за згради од државно земјиште особено што не станува збор за изградба на објекти од јавен интерес туку за станбени згради.

Градоначалничката Арсовска го кажа своето и речиси е неверојатно дека ќе отстапи од намерата.  Граѓаните пак со протест ќе се борат за остварување на своите барања и како што велат, нема да дозволат поради изградба на згради, улица да им минува пред нивните прозорци. На потег е градоначалникот Костовски, од кој жителите очекуват помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот