Горан и Ѓорѓи

Марин Гавриловски, Фото Архива

Во време на искривени вредности, Горан Стефановски и Ѓорѓи Марјановиќ се вистинските репрезенти на урбаната интелигенција, вистинската елита и своевидна аристократија на македонското општество, чии вредносни мерила и критериуми треба да се пример за секој оној кој бар малку држи до своето интелектуално и граѓанско ниво.

Во паркчето помеѓу седиштето на Општина Центар и Боемската улица, во Дебар Маало, во неговото Дебар маало е засаден чинар под кој е поставена клупа на која вечно седи излиена фигурата на македонскиот драмски писател, сценарист, професор и академик Горан Стефановски. Клупата и чинарот се поставени како спомен на неговото дело, кое ненадејно е заокружено на 27 ноември 2018 година, кога во англискиот град Кентербери почина овој голем македонски автор.

Оттогаш, во аулите на познатите светски факултети за драмски уметности, студентите повеќе нема да можат да ги слушнат зборовите: „My name is Goran Stefanovski“. Реченица со која Горан секогаш ги почнувал своите предавања, иако неговите слушатели и студенти многу добро знаеле кој е тој. Токму овие зборови беа искористени од Драмскиот театар во Скопје како наслов на претставата со која оваа куќа сакаше да му се оддолжи за сè она што го има направено за македонскиот и светскиот театар.

Во претставата се играат делови од преостанатите седум драми на овој автор, кои досега не биле поставени на сцената на Драмски. Со тоа, овој театар е единствениот во светот каде што се одиграни сите драми што ги напишал Стефановски. За реализацијата на оваа идеја треба да се оддаде особено признание на директорката на театарот Катерина Коцевска, како и на актерската екипа (помеѓу кои беа, Мето Јовановски, Драган Спасов Дац, Билјана Драгичевиќ и др.), која со многу емоции успеа на сцената да ги оживее ликовите од делата на Стефановски, а публиката да ја потсети на времињата кога во Драмски се играа: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Лет во место“, „Огнени јазици“ итн.

Делото на Стефановски е импозантно, тој е автор на повеќе од триесет драмски текстови, сценски либрета и едночинки што доживеале над сто и педесет премиери, најчесто во Македонија и на Балканот, но и во Велика Британија, Франција, Русија, Романија и САД. Парадата од ликови во Горановите пиеси е колоритна, таму дефилираат предавници, луѓе-нелуѓе што за привилегии си ги предаваат своето семејство, пријателите, татковината, како што е Киро од „Лет во место“ кој вели: „Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.“ Потоа, револуционерни типови кои донкихотовски се обидуваат да ја променат сегашноста, како Цибра од „Тетовирани души“, за кого: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Или бунтовникот Јаков од „Дупло дно“, кој вели:  „Ѕидот е во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот“. Но и изгубени души што се двоумат во која насока да тргнат, а кои всушност никаде не одат и ништо не прават.

Секоја реченица, секоја реплика е универзум сам за себе, аксиома врз која понатаму може да се надогради една цела филозофија. „Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“, ќе прочитате во „Диво месо“ и ќе биде доволно да се отвори дискусија што може да трае со денови. Или, пак, колку е длабоко признанието од „Приказните од дивиот Исток“: „Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата“.  Зар не е следниот цитат од „Тетовирани души“, слика на времето кое го живееме денес, проткаено со омраза и војна. „Југот не го сака Север. Исток, Запад. Европа не ја сака Америка, Ирска, Англија. Прилепчани не се мирисаат со битолчани, во еден град не се поднесуваат две маала, во едно маало две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез два стана, во еден стан две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајца се мразат самите себеси. Каде води тоа? Ако е така, тогаш нема спас. А, без спас нема живот. А, без живот нема ништо. Има смрт“.

Во неговите дела ги читаме и ги слушаме зборовите што и ние самите сме ги чувствувале, но не сме знаеле да ги кажеме, зборови што болат, но и отрезнуваат, кои значат трагање по идентитетот, кој според Горан е една приказна, нефиксирана приказна, во која одлучуваме кој пат ќе го фатиме одбирајќи која идентитетска матрица ни е најблиска, но за да успееме во тоа, треба непрекинато да работиме на себе и на сопствената приказна, бидејќи „идентитетот не е зацртан, туку тој се освојува од ден на ден. Впрочем, исто како и слободата“.

Токму во градењето на тој наш идентитет, делото на Горан Стефановски зазема значајно место, рамо до рамо, со делата на еден Блаже Конески или Славко Јаневски, а неговата пристапна беседа во Македонската академија на науките и уметностите восклик за сите сегашни и идни поколенија, за тоа како треба да се гради и сочува Македонија, бидејќи според Горан: „Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, Илинденските херои, својата волја за држава ја потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата волја за оваа држава, мораме да ја потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот. Нивната победа беше во нивниот пораз. Нашата победа мора да биде – во нашата победа“.

Неговата, пак, интимна исповед преточена во писмото до новородената внука Калина е своевидна „Песна над песните“ на македонската литература. Таа е пофалба на животот во која Стефановски како на дланка ѝ го дава на внуката сè она што е дел од него. Тој вели: „Сиот свет сега ти припаѓа тебе и сè во него е твое! Сѐ е твое и ваше на целата твоја генерација. Сѐ ти е на дофат. Сите широчини и височини и длабочини. Моето име сега е твое! Мојата куќа е твоја куќа, мојата крв си сега ти. Ќе те чувам и да се чуваш и да се сочуваш и да нѐ дочуваш! Се клањам пред тебе, внуко моја, и пред неслутените величини на животот што ти претстои!“

Македонија ја имала таа несреќа да прерипне една цела епоха во својот развој. Од феудализмот на Отоманската Империја директно да прејде во социјализмот на СФРЈ, без притоа природно да го помине периодот на формирање на граѓанска интелигенција, која на крајот од деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век била основна движечка сила во формирањето на националните држави во Европа. Недостатокот на таа класа, односно формирањето на интелигенцијата, не како автохтона македонска, туку под влијание на пропагандите на соседните држави, најверојатно е причината поради која ние, последни во Европа, сме формирале национална држава.

Иако со одредено задоцнување, Македонија успева да изнедри малку, но вредни културни и научни дејци кои во децениите на нашиот слободен развој се супституција на граѓанската интелигенција. Горан Стефановски е еден од најзначајните нејзини претставници, не само по неговиот импозантен интелектуален капацитет и дело, туку и по манирите, воспитувањето, скромноста и љубезноста.

Сите овие карактеристики ме потсетија деновиве на уште една личност што одигра значајна улога во формирањето и воспитувањето голем број млади луѓе – професорот од Правниот факултет Ѓорѓи Марјановиќ. Неговата како и на Горан –  професурата беше пасија, а и двајцата милуваа да се нарекуваат даскали. Станува збор за уште една интелектуална грамада – професорот на Правниот факултет во Скопје, Ѓорѓи Марјановиќ, кој почина во саботата на 2 април. Во време на искривени вредности, Горан Стефановски и Ѓорѓи Марјановиќ се вистинските репрезенти на урбаната интелигенција, вистинската елита и своевидна аристократија на македонското општество, чии вредносни мерила и критериуми треба да се пример за секој оној што бар малку држи до своето интелектуално и граѓанско ниво. Големите интелектуалци, професорите, научниците, никогаш не заминуваат, тие остануваат да живеат преку своите дела – пишаниот збор, кој е вечен.

Кога на големите народни митинзи , наместо да се извикуваат празни фрази и да се држат уште попразни говори – би се читале 1% од мислите и делата на споменатите големи личности, сметам дека тоа би било многу повеќе општествено полезно одошто сè она што на нашиот народ му се нуди како евтино празнословие или парола од секаков вид.  Да се прочитаат барем неколку страници од опусот на Стефановски и на Марјановиќ, имам впечаток дека би било поделотворно од лековите со кои нашата нација секојдневно се труе. Македонија како мала земја е штура во изнедрување вонсериски личности, но упорно добра во негувањето на идиоти и полуинтелигенти. Во матни времиња, кога не се знае каде е талогот а каде бистрата вода, Македонија треба малку повеќе да разговара со себе и за себе; за почеток, како вовед во тој конструктивен разговор, секој нека ги проучи Стефановски и Марјановиќ. Дури тогаш би требало да направиме национален исчекор од седум милји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот