Ѓоковиќ со пресврт до третото коло на УС Опен
Првиот носител обезбеди пласман во третото коло откако во четири сета го совлада Британецот Кајл Едмунд за три часа и 17 минути.
Новак Ѓоковиќ го продолжува атакот на 18. грен слем титула откако во второто коло направи пресврт и во четири сета со 6:7,6:3,6:4,6:2 го совлада Кајл Едмунд.
Првиот сет го одбележи големата напнатост бидејќи гемовите траеја „цела вечност“, но ниту еден од двајцата тенисери не дозволи да го загубат гемот на свој сервис по што се дојде до тајбрејкот. Во него Кајл Едмунд направи два брејка и по 68 минути игра го освои првиот сет.
Од вториот сет па до крајот на мечот, Ѓоковиќ беше далеку подобар тенисер на теренот, во четвртиот гем направи брејк и со сигурен сервис успеа да дојде до израмнување во сетови. Со одлична игра и во наредните два сета успеа да го скрши отпорот на Британецот и да обезбеди пласман во третото коло каде го очекува Германецот Јан Ленард Штруф.
Четири сета во второто коло играше и Александер Зверев кој сепак на крајот ја однесе победата од 7:5,6:7,6:3,6:1 против Накашима, како и Давид Гофан (7:6,4:6,6:1,6:4) против Херис.
Кај дамите Анџелик Кербер со 6:3,7:6 ја совлада сонародничката Фридкам, додека Петра Квитова сo 7:6,6:2 ја елиминира Козлова.