Го исполни ли Преспанскиот договор очекуваното за македонските власти да организираат мега конференција

Потпишување на преспанскиот договор Фото: Архива на „Слободен печат“

На први и втори јули во Охрид и во Отешево ќе се одржи првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог – „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна“.

Според домаќинот министерот за надворешни работи Бујар Османи целта на оваа досега најголема конференција организирана во Македонија е создавање на позитивен дијалог меѓу земјите и нивните општества. Тој вели дека во основа се трите договори, Охридскиот, Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот за стратешко партнерство со Гриција познат како Преспански договор, по кој според него „Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион“.

– Трите договори уживаат силен внатрешен и меѓународен легитимитет и се широко прифатени и дома и кај нашите меѓународни пријатели. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење, пред се храбрите политички чекори за изградба на долгорочни и стабилни компромиси, суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи, меѓусебно почитување политичко и дипломатско трпение, пред се позитивниот пристап кон изградба на пријателства помеѓу соседите во најширока смисла на зборот. Не само што ги отворивме сите овие придобивки како наши автентични успеси туку ги ставивме на маса како основа за нивна понатамошна примена како успешен модел за надминување на предизвиците и разликите кои се се уште актуелни на Балканот.

Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, шефот на македонската дипломатија не е во право кога говори дека Преспанскиот договор е прифатен широко од народот, бидејќи за најголем дел од населението тој е понижувачки.

– Не само што со Преспанскиот договор внатре го промени Уставот и името на даржавата, туку и не се почитува загарантираната употребата на придавката „македонски/о/а, и именувањето на нацијата особено од страна на меѓународните медиуми. Кои се тие северномакедонци? Грешката не е во нив туку во нашето МНР кое не си ја врши работата и навремено не реагира. Друга работа е што и оние малку работи од Преспанскиот што Грција требаше да ги имплементира, воопшто не ги спроведува како на пример, ратификувањето на меморандумите во грчкото собрание, но и сообраќајните табли на кои пишува Скопје. Ништо нема сменето. Да не зборуваме дека Преспанскиот договор од целата меѓународна заедница беше најавуван дека ќе биде краен предуслов за преговорите со ЕУ. Три години подоцна, ние сме можеби и повеќе заглавени отколку пред потпишувањето на Преспанскиот договор, сега со Бугарија. И она што е најбитно, Македонија 30 години се откажува и прави тешки отстапки, за на крај да остане последна пред вратите на ЕУ. Во меѓувреме влегоа многу држави кои на некој начин не беа доволно подготвени, пред се Бугарија која сега не блокира, а кои во 2007 година влезе со политичка одлука, вели Божиновски.

Според Божиновски власта не треба да зборува за успех бидејќи Преспанскиот договорот не си ја исполни целта.

-Не знам за каков успех и пример може да се зборува на Конференцијата во Охрид, кога е очигледно дека тој не си ја оствари својата цел, а тоа е Македонија конечно да ги започне преговорите и да добие јасна перспектива за членство. Напротив тој од нашите соседи кои се исто така од Западен Балкан, се потенцира како негативен пример како една држава се откажала од своето име, а за возврат се уште е заглавена во чекалницата на ЕУ, без јасна перспектива за членство, вели Божиновски.

Преспа форумот за дијалог претставува државен проект во организација на МНР, а под покровителство на премиерот и Владата на РСМ.

Според шефот на македонската дипломатија станува збор за амбициозна конференција од меѓународен карактер со импресивна листа на поканети гости од кои голем дел го потврдиле своето присуство.

Домаќините македонското МНР и Влада од оваа конференција очекуваат содржајна размена на мислења и на идеи како но заклучоци кои како што вели Османи ќе стават печат не само на земјава туку и на целиот регион.

– Сметам дека тоа е важен придонес на нашата земја во промоција на европската идеја или повеќе од примена на важноста на европските идеи на Балканот. Тоа преставува дел од суштинска стратешка политика за дебалканизација или можеби подобро за европеизација на регионот која сметам дека во еден поширок контекст соодветствува и со европската конференција за иднината на Европа. Во ова политичко динамично време на алтернативни сценарија на Балканот кој од различни страни пристигнуваат преку различни форми на пејпери и нон – пејпери сметам дека создадовме автентична наша платформа која испраќа силен и прецизен одговор за тоа каде му е местото на регионот и како до таму, рече Османи.

Околу триста учесници од целиот регион и меѓународната заедница, меѓу кои премиери, претседатели, министри и генерални секретари ќе учествуваат на Конференцијата.

Официјално ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници ќе бидат поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција Метју Нимиц, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, Федерика Могерини, министерката за одбрана Радмила Шекерински, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа, еврокомесарот Јоханес Хан.

На конференцијата, ќе учествуваат и Специјалниот претставник на САД за Балканот Метју Палмер, претседателот Стево Пендаровски, како и претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и на Словенија Борут Пахор, премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Албин Курти, на Албанија Еди Рама и други. Пред стартот на конференцијата на 30 јули ќе се одржи неформален состанок на платформата Б6, на која министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан ќе имаат т.н. „средба без вратоврски“.

– Мојата интенција е овој неформален формат, слично како што се и другите европски формати како В4 или Ц5, да стане редовна активност на министрите од регионот, каде ќе можеме неформално да разменуваме мислења, информации и да предлагаме идеи за сите предизвици и можности во рамки на меѓусебната соработка, рече Османи.

Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 во местото Нивици на грчката страна на Преспанското езеро. Тој му стави крај на спорот кој траеше цели 27 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот