
Ѓоковиќ: Фрустрирачки е на теренот кога не можеш да издржиш физички, но тоа доаѓа со годините
Најдобриот тенисер на светот на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, беше елиминиран во полуфиналето на Отвореното првенство на САД. Србинот беше поразен од Шпанецот Карлос Алкараз во Њујорк со 3:0, во сетови 6:4, 7:6(4), 6:2, а во финалето на третиот последователен грен слем, Алкараз ќе игра против Италијанецот Јаник Синер.
Препорачано
Ѓоковиќ даде сè од себе, но не можеше подобро да му се спротивстави на Алкараз, кој е 16 години помлад.
– Фрустрирачки е на теренот кога не можеш физички да издржиш, но тоа доаѓа со годините, очекувано е на некој начин. Сè уште уживам во натпреварувањето. Добив неверојатна поддршка од публиката, благодарен сум за тоа. Тоа е една од најголемите причини зошто продолжувам да играм, добив многу љубов во последните години. Во вториот сет беше забавно, публиката се вклучи, но тој беше подобар во клучните моменти – започна Ѓоковиќ.
Моментно, Алкараз и Синер се неоспорни лидери на светскиот тенис, а Ѓоковиќ е свесен за тоа:
– Никогаш не е забавно да се губи, но ако морам да изгубам, тоа е од тие двајца. Тие се подобри во моментов. Немав никакви повреди што би ме спречиле да играм, но моето ниво на физичка подготвеност не беше доволно за Карлос. Три од моите четири полуфиналиња ги загубив од Синер и Алкараз. Тие се едноставно премногу добри. Ми снема сила по вториот сет, повеќе немав сила да му се спротивставам, а тој продолжи. Истото го чувствував и со Јаник, тешко ми е да играм со нив во три сета, особено во доцните фази од еден слем – вели 38-годишниот Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер нема долгорочни планови, не знае дали ќе игра на следниот грен слем во Австралија, но знае дека ќе игра на новиот АТП турнир во Атина, Грција, на почетокот на ноември:
– Тоа е далеку. Австралија е далеку. Во оваа фаза од мојата кариера, не размислувам толку далеку. Планирам да играм во Атина, тоа е сигурно. Освен тоа, прашање е каде ќе играм и што ќе правам. Сè уште сакам да играм на грен слем турнирите, да видиме што ќе се случи, тие се столбот на нашиот спорт. Сепак, имам поголеми шанси во мечевите на два добиена сета, еднонеделните турнири или двонеделните Мастерс турнири – се зборовите на Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ сепак не можеше против младоста на Алкараз, Шпанецот ќе игра финале