Германија размислува да воведе гранична контрола со Полска

Германско-полска граница/ Фото EPA-EFE/Marcin Bielecki POLAND OUT

Германската влада размислува дали да воведе гранична контрола со Полска за да го запре приливот на баратели на азил, но затегнатите односи меѓу двете земји и актуелниот дипломатски спор може да ги искомплицира ваквите планови, пишува „Политико“.

Канцеларијата на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фазер вчера објави дека можеби е неопходно да се спроведуваат контроли на полската и чешката граница со цел да се потиснат „криминалните банди“ кои нелегално шверцуваат мигранти во земјата.

Во првите осум месеци од 2023 година во Германија барања за азил поднеле околу 204.000 лица, што е 77 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година, наведува „Политико“.

Владата на канцеларот Олаф Шолц е под зголемен притисок да го спречи зголеменото ниво на илегална миграција, во време кога многу баратели на азил влегуваат во земјата преку полската и чешката граница.

Официјални лица во Берлин велат дека владата преговара со Полска и Чешка за воведување привремени гранични контроли.

На политички митинг за време на викендот, Шолц ја поврза актуелната гранична криза со скандалот што ја потресува полската Влада поради наводниот поткуп за издавање визи, само неколку недели пред парламентарните избори во земјата.

-Не сакам Полска само да ги бранува луѓето и потоа да зборува за нашата политика за азил, им рече Шолц на толпата за време на политичкиот митинг во баварскиот град Нирнберг.

Шолц, исто така, побара полската Влада да го „разјасни“ наводниот скандал во кој „некои визи се делеле за пари“ во Полска.

Германскиот канцелар мислеше на неодамнешните наводи дека службениците во полските конзулати доделиле илјадници привремени визи, давајќи пристап до ЕУ во замена за мито.

Шефот на полската дипломатија Збигњев Рау вчера му одговори на Шолц во објава на платформата Х, во која кажа дека пораките на германскиот канцелар „упатуваат на обид за мешање во внатрешните работи на полската држава и тековната изборна кампања во Полска. ” Рау побара Шолц „да го почитува суверенитетот на Полска и да се воздржува од изјави кои им наштетуваат на меѓусебните односи“.

Портпаролот на Шолц, Штефен Хебстрајт, вчера ги отфрли тврдењата дека германскиот канцелар се меша во внатрешните работи на Полска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот