Георгиевски: Македонците тешко се носат со променетата демографија во земјата, а таа ја менува и демократијата

Љубчо Георгиевски во гостување на ТВ21 / 21 септември 2021 / фото: ТВ21/принтскрин

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, во вечерашното гостување на ТВ21, зборувајќи за денешните услови за коалицирање меѓу партиите на Македонците и Албанците во државата, рече дека многу работи се променети во споредба со раните години на независноста, а една од нив е променетата демографија во државата, која според него ги менува и политичките прилики.

„Mакедонците тешко се носат со промена на демографијата, а промените во демографијата носат и промени во демократијата, односно промена во демократските правила што важеле досега. Многу добро се сеќавам дека на првите локални избори во 1996 година, во некои градови како Кичево, на пример, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се бореа чиј да биде градоначалникот, а албанските гласови беа на едната или на другата страна, помагаа кој да победи. Денеска имате сосема обратна ситуација, албанските блокови исфрлаат кандидати, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се тука за да помогнат на едните и на другите кој ќе биде градоначалник. Очигледно, како граѓанин на Македонија, човек треба да биде свесен за таа изменета демографија“, рече Георгиевски.

Околу коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата на Албанците и Алтернатива за претстојните локални избори, Георгиевски вели дека генерално сака да види ситуација во која предизборната реторика на партиите ќе ги напушти етничките, односно националните позиции.

„Дали и во тој поглед сме созреани како политички партии, допрва ќе видиме, можеби локалните избори и не се толку место каде што тоа се демонстрира – парламентарните избори се повеќе тоа фронтално место каде што тие работи доаѓаат до разлика. Се надевам дека и на тоа поле ќе бидеме на следните избори со помала етничка, националистичка реторика со послаб интензитет, затоа што очигледно веќе сфаќаме сите дека тука сме, живееме заедно и културно е да се однесуваме коректно спрема другите“, рече Георгиевски, кој на ТВ21 гостува заедно со поранешниот пратеник и член на Партијата за демократски просперитет (ПДП), Исмет Рамадани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот