Генерален штрајк не му бега на правосудството ако деновиве не падне договор за поголеми плати

Протестите на УПОЗ ќе продолжат и ќе се радикализираат ако нема договор за зголемување на платите/фото:фејсбук-страница на УПОЗ

До крајот на оваа работна недела ќе се одржи првиот состанок на работната група составена од тројца надлежни министри и претставници на УПОЗ за да разговараат за барањата на вработените во судската и обвинителската администрација за зголемување на платите и за враќање на додатоците. Овој разговор се случува во услови на штрајк на стручните служби и администрацијата во обвинителствата низ државата, каде со недели ги примаат и ги работат само итните случаи и со најавен генерален штрајк во целото правосудство доколку Владата нема слух на лошата економска состојба на вработените во овие неопходни правосудни служби.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски вели дека вработените не се задоволни од „брзината“ со која се бара решението на нивниот прблем, со оглед дека Владата на 3 октомври донесе одлука да се формира работната група, а првата средба се уште не се случила. Со тоа, додава, извршната власт си купува дополнително време пред да се соочи и договори на барањата за поголеми плати.

– Нашите ставови и позиции во преговорите се добро познати, ние бараме зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците, зголемени за 30 отсто. Платите на вработените во правосудството е многу ниска, администрацијата во обвинителствотио и во судството работи за минималец. Записничари, доставувачи, дактилографи, сите тие земаат околу 21.000 денари, значи минимална плата или за 1.200 до 1.3000 денари погоре од минималната плата. И такви се примањата на најголемиот дел од овие вработени, на над 60 отсто. Нешто повисоки се платите на стручните служби, но и тие се потпросечни. Ако добиеме зголемување од 78 отсто, колку што бараме, нашите плати нема да бидат ни блиску до просечната плата во државата – вели Деаноски за „Слободен печат“.

Трпе Деаноски – УПОЗ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Деаноски додава дека овие вработени отсекогаш се со минимални плати, а со обемна работа која со тек на времето дополнително се зголемува. Порано со еден судија или обвинител работел еден записничар, а сега еден записничар работи со 6 до 7 обинители или судии.

– Засега продолжува штрајкот во обвинителствата, а судската администрација се бори со протести и амршеви. Доколку од Владата немаат слух за нашите барања штрајкот ќе се радикализира, односно сите ќе стапиме во генерален штрајк – вели Деаноски.

Во Министерството за правда денеска, пак, се одржа средба помеѓу министерот Кренар Лога и претставниците од Независниот синдикат за судска полиција, кои на министерот му ги пренеле нивните барања за измени на актуелниот Закон за судска служба во врска со овластувањата на судската полиција, регулирањето на бенефициран стаж, додатокот за висок ризик, службените легитимации и униформата.

Договорено е барањата да бидат разгледани и вградени во работната верзија на законот, за до крајот на неделата законското решение да се објави на ЕНЕР. Министерот Лога изрази подготвеност за решавање на проблемите со кои се соочува судската полиција – соопшти Министерството за правда.

Министерот Лога на средба со претставниците на судската полиција/фото:Министерство за правда

За состојбата која се заканува да го парализира целото правосудство неодамна предупреди и Судскиот буџетски совет кој побара надлежните министерства итно да најдат решение и да им се исплатат додатоците на плата на вработените во судската администрација. За зголемување на платите Судскиот буџетски совет не изнесе став.

– Судскиот буџетски совет бара Министерството за финансии да ги почитува законските одредби за исплата на додатоци на плата согласно Законот за плати на членови на Судски совет, Законот за плати на судиите и Законот за судската служба. Додатоците се законско право на вработените и Министерството за финансии треба да обезбеди средства за исплата. Дополнително треба да се има предвид состојбата во судството по одржаните протести и најавите за стапување во генерален штрајк на судската служба. Секој прекин во работењето на судството значи одолговлекување на судските предмети и предизвикува дополнителни трошоци во работењето, па затоа е потребно најитно да се постапи по барањата на администрацијата и да се продолжи со исплата на додатоци во соодветен процент – соопшти неодамна Судски буџетски совет.

Советот упати сериозна забелешка кон Министерството за финансии дека не ја почитува финансиската самостојност и независност на судската власт при донесувањето на одлуките за пренамена или за исплата на додатоците на плата и дека „таквото постапување сериозно ја доведува во прашање независноста и самостојноста на судската власт што е услов за целосна независност и самостојност“.

Во работната група, која е формирана на иницијатива на министерот за правда Лога ќе учествуваат и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Кога ја донесе одлуката да се формира ваква работна група Владата соопшти дека со тоа практично е овозможено непречено функционирање на правосудниот систем во текот на разговорите меѓу работната група и Синдикатот на УПОЗ“.

 

Штрајк на администрацијата во Обвинителство Охрид/фото:фејзбук-страница на УПОЗНа маршевите и протестите вработените во судовите и обвинителствата истакнувааа дека тие „создаваат“ пари кои се слеваат во државниот буџет, а Министерството за финансии не ги враќа во правосудството туку ги распределува на други министерства и институции. Истакнаа дека годинава само од такси Граѓанскиот суд Скопје наплатил 3,7 милиони евра. Лани, пак, Кривичниот суд за парични казни во сите одделенија и за уверенија за неосудуваност наплатил околу два милиони евра. Во Законот за судски буџет е предвидено дека за функционирање на судската власт се утврдува износ од најмалку 0,8 проценти од Бруто домашниот производ, а во пракса правосудството не ги добива тие пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот