Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Кантучи

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: кантучи.

– Во светот на слатките задоволства, некои рецепти не се само десерт – тие се доживување, патување и традиција спакувани во секое залче. Таков е и рецептот за кантучи – прочуените италијански колачиња, познати по својата крцкавост и богатство од вкусови. Совршени се за натопување во кафе, чај или дури и во чаша сладок ликер, а нивниот мирис и текстура носат дел од Тоскана директно во вашиот дом. Ако сакате да внесете доза европски шмек и празнична топлина во вашата кујна, пробајте го следниот рецепт – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 400 грама брашно
– 200 грама шеќер
– 3 јајца
– 80 грама омекнат путер
– ½ лажичка сода бикарбона
– 10 мл ликер по ваш избор
– 100 грама лешници
– 100 грама бадеми
– 1 лажица течна ванила
– 2 лажици какао
– 1 лажица цимет
– ¼ лажичка ѕвезда (анис)
– ¼ лажичка махлеб

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во длабок сад измешајте ги брашното, шеќерот, сода бикарбоната, какаото, циметот, звездата анис и махлебот. Овие зачини ќе ѝ дадат на смесата топла, благо зачинета арома.

Во сувата смеса додајте ги јајцата, омекнатиот путер, ванилата и ликерот. Замесете сѐ додека не добиете хомогена и мазна смеса. Додајте ги лешниците и бадемите, претходно малку потпечени за посилен вкус. Тестото ќе стане богато и малку поцврсто – токму како што треба. Поделете го тестото на три еднакви дела и оформете долги, тенки ролати. Наредете ги на хартија за печење. Ставете ги во претходно загреана рерна на 180 степени Целзиусови и печете околу 25-30 минути, сè додека не добијат убава кора. Извадете ги и додека се топли, внимателно исечете ги на коси парчиња со дебелина 1,5-2 см – карактеристичниот изглед на кантучи. Вратете ги исечените парчиња во рерната и допечете уште 10 минути, додека не добијат златно-кафеава боја и совршено крцкава текстура.

Чувајте ги кантучите во стаклена тегла – така ќе останат свежи и крцкави со денови, а секојпат кога ќе ја отворите, ќе ве пречека нивната неодолива арома.

На здравје!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот