
ФОТО+ВИДЕО | Познатата венчаница на принцезата Дијана ќе добие нова верзија: Модната дизајнерка ќе се обиде да го долови духот на оригиналот
Модната дизајнерка на легендарната венчаница на принцезата Дијана најави дека ќе го дизајнира нејзиното „продолжение“ – модерна интерпретација на еден од најпознатите фустани во историјата.
Препорачано
Елизабет Емануел, има намера да „патува низ времето“ и да направи нова, модерна верзија на иконскиот фустан во кој принцезата Дијана се омажи за британскиот престолонаследник, а сега крал Чарлс, во 1981 година, открива магазинот „Пипл“.
„Ќе се обидам да го доловам духот на оригиналот, но преку моите сегашни очи. Сакам да ги зачувам сите светки и бисери, но со сосема поинаква визија. е би менувала ништо за фустанот од 1981 година, но кога би го гледала сега од оваа перспектива има толку многу нови можности“, изјавила Елизабет.

Елизабет и нејзиниот поранешен сопруг Дејвид станаа познати по создавањето на венчаницата во боја на слонова коска што ја носеше леди Дијана Спенсер за време на нејзината кралска венчавка во катедралата Свети Павле во Лондон на 29 јули 1981 година, што го дефинираше стилот за следната деценија. Сите погледи беа вперени во кралската невеста, чиј фустан имаше волуменозна јака, надуени ракави, широко здолниште налик на кринолин и импресивно долг превез од речиси осум метри.
Без да знаат 20-годишната Дијана и милиони тв-гледачи, креативниот тандем превентивно направил и втор фустан.
„Бев малку невротична и си помислив: ‘Што ќе се случи ако некој упадне и го украде фустанот, или ако нешто се истури и се качи врз него, или дојде до пожар?’“, ја објаснила Елизабет својата потреба да направи резервен фустан.
Инспирирана од розовиот фустан што таа и Дејвид го направиле за приватниот бал на Дијана неколку дена пред кралската венчавка, Елизабет се фатила за работа. Резервниот фустан сепак се разликувал од венчаницата. Немал долг превез, бил од бела свила, а не слонова коска, а ракавите биле потесни и поприпиени за рацете на Дијана.
Што се однесува до ткаенината, Елизабет рачно ги извезла сложените дизајни на фустанот што го носеше Дијана. Резервниот фустан никогаш не бил готов, а 70-годишната дизајнерка не е сигурна што се случило со него, но направила нов токму како него од посебна причина – да биде изложен во виртуелниот музеј на принцезата Дијана.
„Никогаш не сме го виделе тој фустан на Дијана и мислевме дека би било убаво да го замислиме“, рекол директорот на тој музеј.

Елизабет не даде временска рамка кога ќе направи нова верзија на оригиналната венчаница, но за „Пипл“ откри како го создала оригиналот. Таа тврди дека нивното дизајнерско студио било оаза на мирот за Дијана, додека нервозата растела пред свадбата.
Дијана ги изнајмила Елизабет и Дејвид за нејзината венчаница откако создале блуза во која се појавила кога била објавена свршувачката, а потоа и црн фустан без прерамки за еден од гламурозните настани што следеле.
Елизабет се присети на моментот кога телефонот ѝ заѕвонил во студиото додека била на проба со друг клиент. Модната дизајнерка едвај ја исконтролирала возбудата дека зборува со принцезата Дијана, а работата што ја добил креативниот пар ги запиша нивните имиња во историјата на модата.