
ФОТО+ВИДЕО | Киран Калкин цензуриран на телевизија: Опцу во својот говор откако освои Оскар
Американскиот актер Киран Калкин ја шокираше публиката на годинашното доделување на Оскарите со несекојдневен говор, во кој неколку пати употреби недоличен јазик откако ја прими наградата за најдобар спореден актер, пренесе „Индепендент“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Калин, познат по улогата во серијата „Наследници“ („Succession“), ја освои престижната статуетка за улогата во филмот „Вистинска болка“ („A Real Pain“) на Џеси Ајзенберг – приказна за двајца американски братучеди кои патуваат низ Аушвиц.
Во категоријата, Калкин ги надмина Гај Пирс („Бруталистот“ („The Brutalist“)), Јуриј Борисов („Анора“ („Anora“)), Едвард Нортон („Целосно непознат“ („A Complete Unknown“)) и својот колега од „Наследници“, Џереми Стронг, кој беше номиниран за улогата на Рој Кон во биографскиот филм за Доналд Трамп, „Приправникот“ („The Apprentice“).
Кога Роберт Дауни помладиот му ја предаде наградата, Калкин видно возбуден изјави: „Ова е лудо, немам зборови… Благодарам што ми ја предаде наградата, многу ми значи“.

Во продолжение, тој не можеше да го сокрие воодушевувањето од изведбата на својот колега Џереми Стронг, па додаде: „Џереми, неверојатен си во ‘Приправникот’! Те обожавам, беше еб**о… – всушност, не треба да издвојувам никого, но беше фантастичен“.
Оваа реплика беше делумно цензурирана во американскиот телевизиски пренос, но остана непроменета во британскиот телевизиски пренос.
Калкин во својот говор ѝ се заблагодари на сопругата Џез Чартон, споделувајќи интересна анегдота од минатогодишните Еми награди.
„По церемонијата, додека одевме кон паркингот, таа ми рече: ‘О, Боже, навистина го ветив тоа!’ Потоа додаде: ‘Изгледа ти должам трето дете.’ Јас ѝ реков: ‘Супер, ама јас сакам четири’. А тогаш, и се колнам дека ова вистински се случи, таа ми одговори: ‘Ќе ти дадам четири кога ќе освоиш Оскар.’“, раскажа актерот.
Гледајќи ја во публиката, Калкин се насмевна и додаде: „Без притисок, ама време е да работиме на тоа!“
ФОТО | Пет Оскари за „Анора“, најдобар актер Адријан Броди, најдобра актерка Мајки Медисон