ФОТО/ВИДЕО-АНКЕТА: Граѓаните жедни, чешмичките или затнати со ѓубре или претекуваат, ретко која нормално работи

Човек пие вода на фонтана / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Вистинско изненадување е кога на скопските улици ќе се наиде на чешмичка која е во функција, каде што човек може да се напие вода и да се освежи. Уличните фонтанички што порано ги имаше на секој чекор, на секое детско игралиште, на плоштадите, во паркчињата, сега се вистинска реткост низ градот.

Низ цело Скопје ги има само 200. Од нив дел не работат, претворени се во корпи за отпадоци или во пепелници, а од некои блика вода непрестајно формирајќи околу мали езерца. Се разбира има и такви што нормално функционираат и од кои не се троши залудно вода, каде што тоа се регулира со притисок на копче.

Фонтана за пиење вода полна со ѓубре / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Граѓаните се жалат дека нема доволно јавни чешмички низ градот, што е навистина проблем во текот на летните жешки денови. Како што велат, нема покрај булеварите, нема на градскиот плоштад, ниту покрај детските игралишта. Доколку се тргне пеш во должина на булеварот Партизански одреди, скопјани треба да бидат подготвени дека нема да наидат на чешмичка за вода. Ниту, пак, доколку се рекреираат на кејот на Вардар. Единствен спас од жештините е со себе да си понесат шише со вода.

Одржувањето на сите чешмички низ градот до неодамна беше обврска на ЈП „Водовод и канализација“. Во иднина претпријатието ќе се грижи само за оние што се лоцирани на јавна површина во надлежност на Град Скопје. Како што велат од претпријатието, сите тие се во функција и редовно се одржуваат.

 ЈП „Водовод и канализација“ донесе одлука за поставување водомери на чешмите што се во надлежност на општините, кои по поставувањето на водомерите, ќе бидат одржувани од нивна страна, додека оние што нема да бидат преземени од општините нема да бидат пуштени во работа – велат од претпријатието.

Оттаму објаснуваат дека општините ќе бидат надлежни и за поставување нови фонтани или чешмички и на нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ ќе им дава приклучок за вода на кој ќе биде поставен водомер. Оние што нема да бидат преземени од општините, нема да бидат пуштени во работа, тврдат од претпријатието.

Општина Аеродром е една од скопските општини каде што веќе има поставено водомери на чешмичките што се под општинска надлежност.

Чешмичките се во функција и општината редовно ги подмирува сите обврски и сметки кон ЈП „Водовод и канализација“. Станува збор за практика што се спроведува повеќе години во општината и нешто што е практика и во процесот на поставување нови чешмички на игралиштата, во парковите и на сите јавни површини достапни за граѓаните – велат од Општината и додаваат дека досега на територијата на Аеродром има околу 60 чешми за пиење вода под надлежност на општината.

И во Општина Центар е прифатено барањето на ЈП „Водовод и канализација“ за поставување водомери на 14-те чешмички на територија на Општина Центар.

Фонтана за пиење вода / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Но, Општина Карпош, пак, не е задоволна од барањето на претпријатието задолжено за снабдување на граѓаните со вода.

Општина Карпош не се согласува со барањето на ЈП „Водовод и канализација“ од неколку причини. Прво, во зимскиот период несовесни граѓани ги пуштаат чешмите и поради ниските температури прскаат, со што се прави штета. Второ, во летните периоди чешмите постојано се затнуваат со отпушоци од цигари и околу нив се создаваат вирови. И трето, одговорен за водоснабдување во градот не е локалната самоуправа, туку Град Скопје – посочуваат од Карпош.

Ниту во Аеродром, ниту во Центар, ниту во Карпош не прецизираат дали имаат проценка колку вода се троши на јавните чешмички и колку тоа месечно би ги чинело општините.

Жена полни вода на фонтана / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Од другите скопски општини не одговорија дали се согласуваат и дали го прифаќаат барањето на ЈП „Водовод и канализација“ за поставување водомери на чешмичките. Едно е сигурно, во оние општини што нема да го преземат одржувањето и што нема да плаќаат за потрошената вода во надлежност на локалната власт – јавните чешмички сосема ќе „пресушат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот