
ФОТО | Спектакуларно откритие во Перу: Песочна дина криела храм стар 5.000 години
Песочна дина криела храм стар 5.000 години на археолошки локалитет во Перу. Археолозите пронајдоа ѕидови на повеќекатен објект во областа Зања, на археолошкиот комплекс Лос Паредонес де ла Отра Банда-Лас Анимас, а покрај нив открија и скелети на најмалку три возрасни лица, соопшти тамошното Министерство за култура.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ископувањата започнаа на 3 јуни, по што беа откриени ѕидови украсени со цртежи, пренесува „Лајв саенс“ / „LiveScience“.
„Сè уште ги чекаме резултатите од датирањето со радиоактивен јаглерод за да ја потврдат староста, но доказите покажуваат дека ова веројатно бил дел од храмовите изградени пред околу 5.000 години“, рекол д-р Луис Армандо Муро Инонан, археолог кој го предводеше истражувањето.

Тимот пронајде и остатоци од три лица меѓу ѕидовите на поранешниот објект. Во близина на некои од нив биле пронајдени погребни дарови, како и малку ткаенина, па се верува дека ова можеби било место на жртвен ритуал.
На еден од ѕидовите има релјеф кој претставува митолошка фигура со човечко тело, глава на птица, карактеристики на мачка и канџи на рептил. Муро наведува дека овој приказ е постар од културата на Чавин, која ги населувала овие области од 900 година п.н.е.

Недалеку од таму се пронајдени можни остатоци и од друг храм, кој припаѓал на културата Мочика, чиј развој започнал пред околу 1.400 години.
На северот на Перу има церемонијални комплекси како Светиот град Карал, кој е стар околу 5.000 години. Најпознатото место во оваа земја е Мачу Пикчу, светиот град на Инките.