Министерството за надворешни работи и надворешна трговија под вода / Фото: Слободен печат
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија под вода / Фото: Слободен печат

ФОТО | Поплава во МНР: Ни се „удави“ надворешната политика

„Наредниот пат може ќе ни набават чамци и гуми за спасување“. Ваков е коментарот на вработени во Министерството за надворешни работи (МНР) по последната поплава што се случи на почетокот на месецов во зградата во која е сместена најрепрезентативната институција во државата.

Протечена вода од покривот до подрумот, кофи распоредени по ходници, пред лифтови, влажни ѕидови… е сликата што ги затекнала вработените во Министерството. Според нивните кажувања, за сѐ е „виновна“ настрешницата што се поставува на покривот, односно на терасата на зградата. Работите, според дел од вработените, се започнати уште во април, а веќе во мај биле прекинати и работниците (сите два-тројца) не се појавувале. Барем не редовно. Но, за белјата да биде поголема, дупките што биле направени на отворената тераса на зградата за поставување на металната конструкција не биле добро заштитени, па со последниот посилен дожд на почетокот на месецов се случи тоа што се случи.

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија поплавено
Фото: Слободен печат

Вработени во Министерството со кои разговаравме, велат дека состојбата била толку лоша што тие денови биле откажани и неколку состаноци, бидејќи протекувало токму во просториите предвидени за такви средби.

На прашањето од „Слободен печат“ што се случило, дали причина за поплавувањето била (не)изградбата на настрешницата ,од МНР ни одговорија дека „ова не е првпат во зградата на Министерството за надворешни работи да се појави поплава“. А вината ја гледаат во досегашното неодговорно одржување на објектот, а не во градењето на настрешницата.

„Вакви случаи се регистрирани и во изминатите години, а причината лежи во долгогодишното, неодговорно и несоодветно одржување и менаџирање на објектот. Градежните активности што се изведуваат во моментов на покривот се насочени кон решавање на овој проблем и трајно спречување вакви појави во иднина“, велат од МНР за „Слободен печат“.

Оттаму уште додаваат дека „напоменуваат дека поплавата беше ограничена само на еден изолиран дел од зградата и дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во целост функционира непречено“.

Сепак, вработени сведочеа дека дента кога се случила поплавата, добиле порака дека не треба да доаѓаат на работа, а за наредните денови дополнително ќе биле известени.

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија поплавено
Фото: Слободен печат

Но, од МНР не добивме одговор на прашањето што фирма ги изведува работите и за колкава сума, односно дали станува збор за градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“. Не се знае ни дали добиле одобрение од авторот на проектот за зградата во која е сместено Министерството за промена на изгледот бидејќи се работи за авторски права.

Опозицискиот СДСМ уште пред неколку месеци побара итна истрага за, како што ја нарече, коруптивната зделка на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, откако МНР потпишало договор за изградба на челична натстрешница во вредност од речиси 550 илјади евра со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач на тендерот. Според СДСМ, истата компанија имала блиска историја со министерот Муцунски и додека тој бил градоначалник на Општина Аеродром добила 11 тендери вредни два милиона евра.

– Договорот за настрешницата е склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач на тендерот. Оваа компанија има долга историја на односи со Муцунски. Фирмата добила дури 11 тендери во Аеродром вредни два милиона евра. Додека тој бил градоначалник на Општина Аеродром, истата компанија добила договор вреден 335 илјади евра за хигиенски и комунални услуги – соопшти тогаш СДСМ и го објави Договорот за изведба на настрешница вреден 34.220.000,00 денари.

Вработените не реагираат само на поплавата, на настрешницата… туку велат дека „многу работи не функционираат во Министерството, почнувајќи од хигиената па натаму, а да не зборуваме за професионалното работење“.

 

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија поплавено
Фото: Слободен печат
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија поплавено
Фото: Слободен печат
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија поплавено
Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија / Фото: Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот