
ФОТО | „Почивај во мир ангелу наш“: Протест пред Сити Мол за загинатата Викторија
Родителите, роднините, пријателите и познаниците на трагично загинатата радовишанка Викторија Николова денеска излегоа на мирен протест на раскрсницата пред Сити Мол, местото каде пред 10 дена беше прегазена младата девојка.
Препорачано

На протестот се придружија и десетици скопјани кои се исто така сериозно загрижени за безбедноста во сообраќајот во главниот град, ако се има во предвид дека во последните 10 дена во страотни сообраќајни несреќи во Скопје покрај 24-годишната Викторија, загинаа уште две лица, а повредени се двајца, момчето на Викторија и тинејџерка која во Лисиче во сообраќајка го загуби својот татко. 75-годишен старец беше прегазен пред мостот Гоце Делчев.

Роднините на Викторија од Радовиш пристигнаа со десетина приватни и комби возила, облечени во црни маички со ликот на девојката чиј живот згасна трагично на оваа прометна раскрсница на 20 јануари.
Граѓаните палеа свеќи и оставаа цвеќе на местото каде лежеше безживотното тело на девојката за која ударот од возилото Цитроен беше смртоносен.
Булеварот Партизански одреди беше блокиран од 12 до 13 часот за кога беше најавен овој мирен протест .
Мајката на Викторија, низ солзи зборуваше за големата загуба која никогаш нема да ја преболи.
„Каде ќе оди сега сама? Зошто ни ја зедоа, прашуваше низ солзи вознемирената мајка која пред некој ден го погреба своето чедо.

-Нашата цел е единствена, а тоа е да се стави КРАЈ на бeзобзирното возење ни улиците во државата и да ја подигнеме свеста на учесниците во сообраќајот дека нашите деца, а и самите ние треба да се движиме слободно на пешачките зони и по тротоарите, зато што тоа е единственото место каде што пешаците треба да се чувствуваат слободно, соопштија организаторите на протестот кога го најавија.
Возачот која ја прегази Викторија Николова на пешачкиот премин на раскрсницата кај Сити Мол е во притвор.