ФОТО: НАТО ни донираше 60 респиратори во вредност од над 1,4 милиони евра

Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министрите за надворешни работи и за здравство, Бујар Османи и Венко Филипче, денеска на скопскиот аеродром примија донација од 60 респиратори од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија, во вредност од над 1,4 милиони евра.

Тројцата министри изразија благодарност за помошта, која, како што рекоа, е суштинска и неопходна во ова време на пандемија, а воено ја покажува солидарноста на Алијанската со една земја членка на НАТО во моменти кога таа и е најпотребна.

– Денеска можеме да видиме зошто беше многу важно Република Северна Македонија да стане членка на НАТО и да видиме како овој Сојуз најмоќен на денешнината воено-политички сојуз значи солидарност не само на збор, туку солидарност на дело. Денеска на аеродромот во Скопје пристигна дополнителна медицинска помош којашто ја најави генералниот секретар на НАТО уште на почетокот на месецот кога бевме во официјална посета и којашто значи директна помош на нашата држава со опрема којашто е важна во текот на оваа здравствена криза, истакна Шекеринска.

Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат

Таа нагласи дека се работи за средства во износ од над 1,4 милиони евра, коишто се донирани од страна на УСАИД, односно на САД, и се дел од НАТО-залихите на медицинска опрема лоцирани во Италија. Помошта пристигна во Скопје со авион на италијанското воздухопловство, финансиран од страна на Луксембург.

– Тоа значи дека неколку земји членки на НАТО функционираа заедно во рамки на Алијансата за да ја добиеме помошта тогаш кога ни е најпотребна, потенцира Шекеринска.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, изрази голема благодарност до Секретаријатот на НАТО и до неговтите членки земји. Тој нагласи дека помошта е навремена, и не е само симболична туку суштинска помош која ќе придонесе во зголемување на капацитетите на системот да се справува со ова зло.

– Живееме во време полно со предизвици. Вирусот е се поприсутен и се поопасен и ова е време кога солидарноста помеѓу луѓето, но и помеѓу државите и сојузниците е најважно. Мислам дека денеска се покажува дека повеќе никогаш нема да сме сами во борбата против кој било непријател, дали невидлив или видлив, потенцира Османи.

Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат

Тој, како и министерката за одбрана Шекеринска, нагласи дека Република Северна Македонија продолжува да чувствува дека е дел и рамноправен член на Алијансата.

– Придонесовме и во заедничкиот фонд на Алијансата со наши средства и еве денеска Алијансата возвраќа со оваа суштинска помош за уште еднаш ќе кажам дека сме благодарни за чувството што ни го даваат на припадност во овој Сојуз, рече Османи.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека симбол на оваа здравствена криза е солидарноста.

Според Филипче, сите земји покажаа што значи да се помага, да се споделуваат искуства, знаења.

– Станува збор за донација на респираторни машини кои се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила од една болничка установа во друга, нешто што значајно ќе го зајакне нашиот здравствен систем во овој сегмент, објасни Филипче.

Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот