
ФОТО | Гастро марифети: Израдувајте ги најблиските со три брзи летни рецепти од Марија Кочовска!
Марија Кочовска е една од основачките на сајтот „Сè за храна“ (sezahrana.mk). Љубовта кон храната и готвењето уште од мала ѝ била водич низ животот, па така и нејзиното образование е во таа насока. Магистрирала во областа на преработката на храна, а со започнувањето на сајтот, кој почетно ѝ бил хоби и желба за зачувување на традиционалната кујна, но и да помогне за едукација на населението за храната преку совети и едукативни содржини, своето образование го надополнила со десетина курсеви од областа на нутрицијата од реномирани светски универзитети.
Препорачано

– Љубовта кон храната велат дека е наследна. Па и јас можам да се согласам со тоа. Потекнувам од гурманско семејство, каде што сите приготвуваме најразлични јадења, а секој си има своја специјалност. Првите почетоци и интересот кон храната и рецептите потекнуваат од мајка ми, која уште од најмала возраст ме вклучуваше во подготовката на храната. Веќе на десет години имав доста познавања и сама приготвував поедноставни колачи и торти – ни вели Марија, која, инаку, ја обожава интернационалната кујна.
– Би издвоила неколку такви јадења, а тоа се аранчини (топчиња од ориз), лимончело (ликер од лимони), кои ги направив по посетата на Италија, а често приготвувам и суши. Со вас споделувам три брзи рецепти кои се идеални за топлите денови. Верувам дека ќе ви се допаднат, а доколку имате прашања, слободно пишете ми на моите профили на Инстаграм и Фејсбук (Instagram – @kocovska.marija Facebook – Marija Kocovska).
Домашна лимонада – сок за растворање од лимони

Состојки: ½ кг лимони, 1½ кг шеќер, 1½ л вода, 1½ ќесичка лимонтус.
Подготовка: Лимоните ставете ги во сад и додајте 1 лажица сода бикарбона и вода. Оставете ги лимоните околу 20 минути. Измијте ги и исечкајте ги на коцки.
Половина од лимоните ставете ги во блендер и додајте 200 мл вода. Изблендирајте ги за да добиете каша. Постапката повторете ја и со останатата половина од лимоните. Кашата ставете ја во голем сад и додајте ја преостанатата вода. Измешајте и оставете ги да отстојат за време од 24 часа. Следниот ден исцедете ги. Во течноста додадете ги шеќерот и лимонтусот. Сокот оставете го 24 часа, а повремено мешајте за да се растопи шеќерот. Наредниот ден сокот соберете го во шишиња. Готовиот сок од лимони чувајте го на темно и ладно место, а најдобро во фрижидер.
Брзи бомбици со 3 состојки

Состојки: 100 г мелени бисквити, 50 г потпечени и мелени лешници, 2 лажици мармалад од кајсии, 2 лажици вода. За декорација: 100 г бело чоколадо, мелени лешници или бисквити по избор.
Подготовка: Во мал сад на оган ставете ги мармаладот од кајсии и водата. Измешајте и кратко затоплете ја смесата додека мармаладот се раствори. Во длабок сад ставете ги бисквитите, лешниците и мармаладот. Измешајте, а потоа од смесата формирајте бомбици. Белото чоколадо растопете го на пареа или во микробранова печка. Бомбиците чоколадирајте ги или по желба извалајте ги во мелени лешници и бисквити.
Кинеска салата со ориз

Состојки: 1 чаша ориз, 150 г сечкана шункова салама, 150 г (5-6) сечкани кисели краставички, 100 г сечкано кравјо сирење, 150-200 мл кисела павлака со 20% масти,
100 мл мајонез, сол и црн пипер по вкус.
Подготовка: Во тенџере на оган ставете 2 чаши вода да се варат. Во зовриената вода додајте го оризот и варете 15-20 минути. Во тенџерето со сварениот ориз додајте поголема количина ладна вода и измешајте за да се одделат зрната. Оризот процедете го. Во длабока чинија ставете ги изладениот ориз, краставичките, саламата и сирењето. Измешајте и додајте ги мајонезот и павлаката. Повторно измешајте и зачинете со сол по вкус и мелен црн пипер.