Формиран Советот за координација на активности на Македонија во НАТО

Фото: Принтскрин

Формирањето на Советот за координација на активностите на Македонија во НАТО, е директна потреба од нашето членство во Алијансата. Имајќи ги предвид предизвиците за безбедноста и стабилноста со кои се соочуваме како дел од евроатлантската заедница овој совет ја зацврстува нашата отпорност и ќе помогне во нашиот координиран настап како институции кога е во прашање безбедноста во најширока смисла на работата на НАТО.

Ова го истакна техничкиот премиер, Талат Џафери, во обраќањето на инаугуративната седница за формирање на Советот за НАТО активности. Тој се заблагодари на поддршката од Обединетото Кралство за формирањето на Советот од страна на МНР и Владата, кој е вели фрагмент од севкупната поддршка која земјава ја добива од Лондон и со која се овозможува нашата забрзана евроатлантска интеграција.

– Во услови кога светот се соочува со нарушена безбедност, со предизвици за нашите вредности и принципи од страна на авторитарните актери секој заеднички потфат и придонес во одржувањето на стабилноста и безбедноста како и на зацврстувањето на нашата позиција како фактор на стабилност на регионот. Токму тоа е ефектот кој очекувам да го постигне овој совет, но ние не сме само фактор на стабилност во регионот, ние придонесуваме рамо до рамо со нашите други сојузни, моментално 31, а наскоро 32, во зачувувањето на мирот на над милијарда граѓани со кои делиме исти демократски определби за мир и стабилност. Како членка на најмоќната воено-политичка одбранбена алијанса во светот работиме за безбедноста на граѓаните на Северна Македонија како и на граѓаните на нашите сојузници преку спроведување на политиката за одбрана и одвраќање, инвестираме во договорените најсеопфатни планови од времето на студената војна дизајнирани за соодветен одговор и спротивставување на двете глави закани за Алијансата – Русија и тероризмот, рече Џафери.

Британскиот амбасадор Метју Лосон, обраќајќи се на првиот состанок на Советот за НАТО, истакна дека оваа структура е важна за координација на работата помеѓу институциите и улогата на Северна Македонија како членка на Алијансата

– Инаугурацијата на Националниот совет денес е дел од нашиот придонес за да ве поддржиме како партнер и сојузник на НАТО, работиме блиску со сојузниците на НАТО, особено со САД за да обучиме и да опремиме баталјон којшто ќе биде подготвен за работа во 2026/2027 година. Ќе ви помогнеме да воспоставите и граѓанско – воена координација која што ќе функционира и во рамките на МНР и сме во очекување на проширување на ваквата соработка со клучните министерства, како и со Министерството за одбрана доколку е истото побарано од нас … Како држави се соочуваме со многу предизвици, а само заедно ќе можеме да се справиме со нив и тоа е всушност главната порака на 75 години од НАТО дека заедно сме посилни, рече амбасадорот Лосон.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека за неколку недели ќе одбележиме четири години од нашето членство, најголемиот, најважниот, првиот стратешки приоритет на државата, членство што, вели, доведе до гаранција за мир, стабилност, безбедност, меѓутоа и политичка и економска предвидливост.

– Нашето членство овие четири години коинцидираше со најголемите предизвици со кои Алијансата се соочи, меѓутоа и светот. Почна со пандемијата, потоа со нелегалната руска агресија во Украина, континуираните хибридни закани, меѓутоа сметам дека општ е впечатокот дека во овие четири години нашата држава се покажа како кредибилен партнер на НАТО. Не само што покажавме ефикасност во интегрирањето, мислам дека имавме рекордно брзо воено интегрирање. Меѓутоа, и во политичкото интегрирање и придонесот што го дадовме во овие четири години дали поврзано со руската агресија во Украина или воопшто предизвиците на НАТО, не направи кредибилен партнер, вели Османи.

Тој нагласи дека во пресрет на одбележувањето 75 години од формирањето на НАТО оваа година, претстои историски самит во Вашингтон каде ние треба да бидеме подготвени и ова се, вели, само дел од причините зошто треба да има сеопфатен пристап на донесувањето на одлуките за НАТО. Почнувањето на овој процес на координирање, смета дека ќе биде многу важен за да ги имаме сите перспективи на сите институции во носењето на одлуки, порача Османи.

По инаугурацијата, седницата за формирање на Советот за НАТО активности продолжи зад затворени врати. На седницата не присуствуваше министерката за одбрана Славјанка Петровска, чие обраќање беше најавено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот