Формален или вистински избор: Арсовска на оглас бара директори на Зоолошка градина и на ЈП „Водовод и канализација“

Фото: Официјална Фесбук страна на Данела Арсовска

Во моментот на чело на двете институции се наоѓаат в.д. директори, на кои мандатот веќе им е истечен, затоа што законски, функцијата вршител на должност, може да се извршува најмногу шест месеци, односно до именување директор на распишан конкурс.

Градоначалничката Данела Арсовска распиша два јавни огласи, на кои ќе избира директори на Зоолошка градина и на ЈП „Водовод и канализација“, па за дваесетина дена таа ќе потпише менаџерски договори со оние што ќе ги исполнат условите наведени на конкурсот.

Во моментот на чело на двете институции се наоѓаат в.д. директори, на кои мандатот веќе им е истечен, затоа што законски функцијата вршител на должност може да се извршува најмногу шест месеци, односно до именување директор на распишан конкурс. И Драган Илиевски кој раководи со ЈП „Водовод и канализација“ и Зоран Попов, кој дојде после Илиевски во Зоолошка градина, се вршители на должноста во овие претпријатија од средината на јануари годинава.

Преку огласите што сега се објавени веројатно треба да се потврдат директорските позиции на Попов и Илиевски, кои на сегашните функции опстанаа дури седум месеци, што е своевиден „успех“ со оглед на желбата на градоначалничката да менува директори. Но, со оглед на тоа дека огласите за избор на директори се јавни, на нив може да се пријави секој што ги исполнува законските услови предвидени во конкурсот. Разрешницата ќе се знае за петнаесетина дена.

Градоначалничката Арсовска во својот досегашен мандат од неполни две години успеа да смени повеќе од 30 директори на јавни претпријатија и установи. Во секое од нив имаше барем по трипати промена. Најпрво, директорските позиции ги држеа кадри од ВМРО-ДПМНЕ, но по кавгата преку медиумите и од говорницата на Советот на Град Скопје со нивниот лидер Христијан Мицкоски, тие беа експресно сменети.

Во моментов најголемиот број луѓе на челните позиции во јавните претпријатија се од ГРОМ и ДУИ, а оние од партијата на Стевчо Јакимовски, кои очигледно според Арсовска се покажаа како најдобри, беа ротирани од едно во друго претпријатие. Така Драган Илиевски најпрво беше именуван за в.д. директор на Зоолошка градина, а потоа на „Водовод и канализација“, а Крсте Петровски од ЈП „Градски паркинг“ премина во ЈСП „Скопје“.

Сегашните огласи подразбираат дека Зоолошка и „Водовод и канализација“ наместо вршители на должноста ќе добијат директори со кои ќе се потпишат менаџерски договори на две или на четири години. Но и таквите договори не се пречка за градоначалничката Арсовска да ги разреши доколку таа смета дека не си ја вршат работата како треба или поради некои други причини.

Така, на пример, на 30 јуни беше разрешен директорот на ЈП „Улици и патишта“, Саид Саид, со кого два-три месеци претходно беше потпишан менаџерски договор. Арсовска не ги кажа причините за неговото разрешување, а на негово место го назначи Ќамил Ковачи, кој на оваа позицијата дојде од местото секретар на општина Сарај, а бил и директор на Јавното комунално претпријатие „Сарај“. Уште еден секретар на Општина Сарај два месеци претходно Арсовска го назначи за вршител на должноста. Тоа е Сефи Шабани од ДУИ кој дојде на чело на ЈП „Паркови и зеленило“, откако директорот Зухејр Реџепи, кој исто така е кадар на ДУИ, си поднесе оставка, како што беше соопштено, од здравствени причини. Со Реџепи, исто како и со Саид, градоначалничката веќе имаше потпишано менаџерски договор.

Јавноста веќе „крена раце“ од тоа кој е каде директор, затоа што по честите нивни смени, тешко е да се запомнат новите „комбинации“. Сепак, некои назначувања предизвикаа низа реакции, како што е смената на директорот на МПЦ и назначувањето на Илевски, пред да стане директор на „Водовод и канализација“, за директор на Зоолошка градина.
Токму овие смени Антикорупциска комисија ги оцени како незаконски и донесе одлука за поведување кривична постапка против градоначалничката Арсовска, затоа што го прекршила законот со тоа што именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци.

Антикорупционерите расправајќи за практиката за назначување в.д. директори во јавни институции, рекоа дека повеќе тоа нема да го толерираат и соодветно ќе дејствуваат бидејќи се случува исто лице повеќекратно да извршува директорска функција од позиција на вршител на должност иако законски тој мандат е само шест месеци. Тоа, според нив, влијае врз функционирањето на системот, тивко го поткопува и претставува мешање на политиката и во локалната и во централна власт. Арсовска, пак, веднаш реагираше и ја обвини Државната комисија за спречување корупција дека наместо да се занимава со она што е нивна надлежност и да констатира корупција, се занимава со тривијалности и исполнување политички агенди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот