
Финалето ги оправда очекувањата, Алкараз го освои САД Опен и го симна Синер од врвот
Карлос Алкаразе новиот шампион на САД Опен, откако во финалето на стадионот „Артур Еш“ го совлада светскиот рекет број еден, Јаник Синер, со резултат 6:2, 3:6, 6:1, 6:4 и така дојде до својата втора титула во Њујорк, откако претходно првпат пат славеше во 2022 година.
Препорачано
Ова беше меч каков што сите посакуваа, дуел на двајцата најдобри на планетата во овој момент, спектакл што ги оправда очекувањата. Синер до финалето стигна со победа над Феликс Оже-Алиасим, додека Алкараз го елиминираше Новак Ѓоковиќ во полуфиналето.
Финалето започна со брејк на Алкараз уште во првиот гем на Синер, што веднаш го промени текот на сетот. Италијанецот правеше некарактеристични грешки, а младиот Шпанец вешто ги користеше сите слабости на противникот за да го освои првиот сет со 6:2.
Кога се чинеше дека Синер е целосно надвор од ритам, тој успеа да се врати. Во вториот сет, Алкараз почна да греши, а Синер ја стабилизираше играта, ја презеде контролата и изедначи на 1-1 во сетови со 6:3.
Но, Алкараз експресно се врати во третиот, доминираше на теренот и со 6:1 повторно поведе. Во четвртиот сет, Синер се обиде да најде енергија за камбек, додека Алкараз беше фокусиран, самоуверен и не дозволи изненадување.
Со оваа победа Алкараз освен што дојде до својата шеста грен-слем титула, исто така ќе се врати и на врвот на АТП листата каде што досега во кариерата помина вкупно 36 недели.