Фатална година за работниците на градилиште: Повредени 52 лица, од нив пет починати сите мажи

Фото: илустрација / „Слободен печат“ - Драган Митрески

Стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,17 отсто односно на секои 100.000 вработени, тројца вработени гинат на работното место. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со 2021 година, кога изнесувала 3.77 отсто

Во петокот, при извршување на работни задачи, на градилиште во „Дебар маало“ загина булдожерист. Како што информираше МВР, на објект во изградба на ул.„Пиринска“ во Скопје, работникот со иницијали Т.М. се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ . По едночасовна битка на докторите за неговиот живот, во 16:50, Т.М починал во болнички кревет.

Изминатото лето на своите работни места починале тројца работници, додека десетина биле повредени. Од Македонското здружение за заштита при работа  за „Слободен печат“ информираат дека годинава, заклучно со јули месец евидентирале 57 повреди на работно место и пет смртни случаи.

„Во првата половина ( јануари до јули) на 2023 регистрирани се 52 повреди мажи и 5 жени (вкупно 57), и 5 смртни случаи – сите мажи“, информираат од Од Македонското здружение за заштита при работа.

Според анализите кои ги води Меѓународната организација на трудот, повредите на работниците државава ја чинат 4 проценти од БДП што е околу 400 милиони евра.

Во Македонија лани се евидентирани 169 несреќи при работа при што на работното место загинале 22 работници, што е за околу 20 отсто помалку во споредба со 2021 година, но за 9 проценти е поголем процентот на повредени на работа.

Во 2022 година од вкупно 34 градови во државата во 26 се случиле несреќи при работа. Скопје е град со најголем број на повреди при извршување работни задачи, по што следат Битола и Прилеп. Најголемиот број на смртни случаи на работа се евидентирани во Скопје (4), по што следат Струга, Струмица и Неготино со по три случаи.

 

Фото: Принтскри-Македонско здружение за заштита при работа

Според полот, 123 мажи се здобиле со повреди од работно место од кои 22 од нив починале. Седум жени биле повредени при извршување на работна задача, додека 39 се лица се непознати.

Бројот на несреќи во споредба со 2021 година е на приближно исто ниво, додека трендот на несреќи со фатален исход е значително намален.

Во 2022 година најмногу несреќи имало во Преработувачката индустрија 59, по што следи Јавна управа и одбрана 27 и Градежништвото 14. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во дејностите на домаќинства како работодавачи 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија 3. Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти.

Фото: Принтскри-Македонско здружение за заштита при работа

Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај.

Стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,17 односно на секои 100.000 вработени, тројца вработени гинат на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со 2021 година, кога изнесувала 3.77.

Бројот на несреќи во 2022  споредбено со 2021 година е на приближно исто ниво, додека трендот на несреќи со фатален исход е значително намален.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот