Езерцата во парк „плачат“ за чистење, надлежните велат рано било

Луѓе со заштитни маски во Градскиот парк во Скопје есен ковид-19 коронавирус
Луѓе со заштитни маски во Градскиот парк во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека чистењето на езерцата и каналите е во надлежност на Градот Скопје, а оттаму не одговараат дали годинава планираат да се ангажираат околу водните површини во паркот.

Грда е глетката на езерцата и каналите во Градски парк за граѓаните што во овие пролетни денови шетаат или се рекреираат низ него. По нив пловат отпадоци, лисја, водата е заматена и нечиста. Сепак, надлежните не планираат наскоро да ги чистат каналите и езерата во паркот, затоа што како што велат, било рано, комплетно се чистеле на четири-пет години.

Градскиот парк е единствениот голем зелен простор во централното градско подрачје, па затоа е веројатно и најпосетуван од скопјани, особено преку викенд. Но, граѓаните реагираат дека освен зеленилото, потребно е да се одржуваат и водните површини.

Речиси секое попладне кога е времето убаво со децата сме во парк, преку викенд задолжително. Навистина е убаво, зелено, средено, одмор за очите, но жал ми е што така како што се одржува зеленилото, не се одржуваат и езерцата. Тие се вистинско богатство во паркот, но навистина се нечисти. Знам дека за тоа во голема мерка се виновни и некои неодговорни граѓани кои не внимаваат каде фрлаат отпадоци, но сепак треба да се исчистат и тоа што побрзо додека состојбата не се влошила – реагира Марија, која живее во близина на Градски парк и секое слободно време со семејството го поминуваво него.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека чистењето на езерцата и каналите е во надлежност на Градот Скопје, а оттаму не одговараат дали годинава планираат да се ангажираат околу водните површини во паркот.

Последното извршено чистење било спроведено во 2019 година, за која акција биле потрошени повеќе од 8 милиони денари, за што своевремено имало реакции од експерти и здруженија на граѓани за заштита на животните за начинот на кој постапката била спроведувана. Езерцата се со површина од над 40.000 м2, а постапката за нивно рачно или машинско чистење со цел заштита на животинскиот свет и флората, се спроведува на секои четири до пет години -објаснуваат од претпријатието.

Оттаму тврдат дека стручни лица од Секторот за комунални работи на Град Скопје веќе извршиле надзор на езерцата и дека ја следат состојбата, па доколку е потребно во точно определен период во годината, по налог на Градот, ЈП „Паркови и зеленило“ или друго градско претпријатие може да изврши површинско чистење на езерските води.

Езерцата и каналите во Градски парк комплетно беа исчистени во 2019 година, откако претходно, како што информираа тогаш од Град Скопје, цели десет години биле сосема „заборавени. Езерата тогаш беа испразнети и рачно и машински се чистеа насобраните лисја, тињата, наносите од земја и отпадоците, за потоа повторно да се наполнат со вода.

Следната, 2020 година, екипите на „Паркови и зеленило“ спроведоа акција за чистење на езерцата во вториот дел на Градскиот парк, кога рачно се вадеше насобраниот отпад, кеси и пластични шишиња и гранки од водата.

Дали е дојдено време повторно да се чисти треба да проценат Градските власти. А посетителите, кои уживаат во прошетките низ паркот, треба да се грижат и за неговата хигиена – да ги собираат по себе отпадоците, лименките и пластичните шишиња, кои многу често, за жал, завршуваат во тревата или во езерцата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот