Европските конзервативци целат кон волците во ловот на гласачи од руралните средини

Волци/ Фото Sergio Pitamitz/VW Pics / Sciencephoto / Profimedia

Водечката европска политичка партија од десниот центар има нова кампања за да им се „додворува“ на фармерите – слабеење на статусот за заштита на волците – а политичката оптика гледа да ја фаворизира и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Европската народна партија, најголемата групација во Европскиот парламент, тврди дека има потреба да се заузда популацијата на волци за да им се помогне на фармерите во борбата против животните кои им ги уништуваат нивните стада.

Партијата водела дебата на пленарот на Европскиот парламент со цел да се изврши притисок врз Комисијата да ги измени правилата за заштита на волците.

„Дебатата за волците во Европската унија е за некои региони, а особено за руралните региони, врвен приоритет“, рече лидерот на ЕПП, Манфред Вебер. „Да разговараме за тоа и да најдеме заедничко решение во интерес на заштита на животните, но и во заштита на луѓето.

Како што пишува бриселско Политико, постои уште еден моќен глас кој исто така повикува на преиспитување на пристапот на ЕУ кон волците, а тоа е самата фон дер Лајен. Веројатно случајно, бидејќи минатата година волк го уби нејзиното сакано пони Доли.

„Концентрацијата на глутници волци во некои европски региони стана вистинска опасност за добитокот, а потенцијално и за луѓето“, рече таа овој месец. Таа, исто така, најави јавна консултација за да се разгледа статусот на заштита на волците, што ќе бара измена на Директивата на ЕУ за живеалишта од 1992 година – долгогодишно барање на ЕПП.

Урсула фон дер Лајен е член на ЕПП и, наводно, размислува за втор мандат на функцијата. Нејзините врски со нејзината партија се расипаа поради Зелениот договор на ЕУ, за кој некои конзервативци чувствуваат дека го оптоварува континентот со трошоците кои ја осакатуваат економијата, но наоѓањето заеднички фронт за волците може да ја врати во добрите благодати на ЕПП.

„Интересно е тоа што доаѓа од фон дер Лајен кога вообичаено спаѓа во надлежност на комесарот за животна средина [Вирџинијус Синкевичиус]“, рече Дејвид Скалан, генерален секретар на Европските здруженија на ловци.

Барбара Хереро, висок офицер за политика на ЕУ за заштита на природата во невладината организација Брдлајф Европа, рече дека Фон дер Лајен „се обидува да ја врати довербата на нејзината партија“, нарекувајќи го тоа „политички потег“.

Урсула фон дер Лајен
/ ФотоEPA-EFE/JULIEN WARNAND

Здруженијата на фармери и ловци велат дека ризикот од опасни средби меѓу луѓето и волците е зголемен во последниве години, бидејќи популацијата на волците се зголеми, особено во земји како Австрија, Франција, Шпанија, Германија и Италија.

„Политичарите треба да ги слушаат луѓето и да се обидат да најдат одговори доколку луѓето ги загрижува ситуацијата, кога нормалното или традиционалното земјоделство не е можно бидејќи има премногу волци“, рече италијанскиот европратеник Херберт Дорфман од ЕПП, кој повика на прашањето да се стави на пленарен дневен ред.

Тој рече дека волците се „една од најдискутираните“ политички теми во неговата изборна единица во северна Италија.

Ова не е прв пат политичарите да гледаат на убивањето волци како начин за да добијат гласови. Во Шпанија, конзервативната Народна партија повикала на легализирање на ловот на волци во обид да ги придобие гласачите од руралните средини за време на општите избори ова лето. Во Германија, тоа ја става Зелената партија во ќор-сокак. Зелените се одговорни и за министерствата за животна средина и за земјоделство, и додека партиските редови генерално сакаат волци, врвните политичари, исто така, ја гледаат потребата да им се задоволат на земјоделците.

„Мора да биде полесно да се извадат поединечни волци, а исто така и цели глутници кои ги надминуваат мерките за заштита на стадата и убиваат животни“, рече Џем Оздемир, министер за земјоделство и висок политичар на Зелените, за германската новинска агенција ДПА минатата недела.

Во Франција, шефот на моќната национална федерација на ловци, Вили Шрен, рече дека размислува да предложи кандидати за изборите за ЕУ ​​следната година. Според него, луѓето кои живеат на село се чувствуваат „исклучени, игнорирани“ од бриселските бирократи.

Додека ЕПП и земјоделците ја бришат прашината од ловечките пушки, Хереро рече дека вистинските виновници се луѓето. „Имаме премногу добиток што привлекува волци“, рече таа. Тврдењата дека луѓето се изложени на поголем ризик да бидат нападнати од волци се „глупости“, додаде таа.

Со растечкиот број, волците како вид не се загрозени, но популациите во неколку европски земји се „ранливи“ или „скоро загрозени“, според Меѓународната унија за зачувување на природата.

Еколошките невладини организации стравуваат дека ако ЕПП успее и Комисијата одлучи повторно да ја разгледа Директивата за живеалишта, тоа ќе ги поткопа стандардите на ЕУ за заштита на природата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот