Европскиот младински оркестар при „Фаме’с Институт“ одржа концерти во Скопје и во Будимпешта

Концерт на оркестарот „Фаме’с“ во салата „Франц Лист“ во Будимпешта

Со фантастичниот концерт „Свинг“, што се одржа на 10 февруари оваа година во камерната сала на Филхармонија, а на кој настапи младиот актер и пеач Хари Апс, диригентот Тимоти Редмонд и Европскиот младински оркестар при „Фаме’с Институт“, започнаа активностите за оваа 2024 година.

– Среќни сме што ја започнуваме и третата година од нашиот проект, и што повторно ќе имаме можност да им дадеме простор на младите музичари кои сакаат да излезат надвор од рамките на стандардното образование и да се обучуваат и професионализираат во делот на оркестарското свирење и практики, да се запознаат со различни стилови во областа на симфониското музицирање, филмската и медиумската индустрија – истакнуваат од „Фаме’с Институт“.

Двата оркестарски курса во февруари се одвиваа во студиото „Фаме’с“ во Скопје, кое е главниот носител на проектот, но е поддржано и од Министерството за култура на РСМ, како и кофинансирано од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Концерт на оркестарот „Фаме’с“ во камерната сала на Филхармонија во Скопје

Студиото „Фаме’с“ во Скопје претставува место на средби на меѓународни уметнички експерти и талентирани млади музичари од земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“, вклучително и млади музичари од Македонија.

Како завршница на зимската сесија на „Фаме’с Институт“, на 19 февруари оркестарот настапи во прекрасната сала на престижната Музичка академија „Франц Лист“ во Будимпешта. Концертот беше под диригентската палка на Пол Марсовски, а ментор на оркестарот беше и професорот Чаба Палфи.

На програмата беа изведени композиции од Равел, Шуман, Франсе и Раф. Како и досега, така и на овој оркестарски курс, оркестарот го сочинуваа млади уметници од повеќе европски земји, кои ја подготвуваа програмата во Скопје, но имаа можност преку различни предавања да се запознаат и со македонската култура и традиција.

Концерт на оркестарот „Фаме’с“ во салата „Франц Лист“ во Будимпешта

Освен концертите во Скопје и во Будимпешта, младите уметници реализираа и два концерта во серијата „Fame’s Unplugged“, кои се одржаа во „Аудиокултура“ и во книжарницата „Литература“ во „Дајмонд Мол“.

Во тек се подготовките за пролетните активности на „Фаме’с Институт“ кои ќе се одржуваат во април и мај. На овие оркестарски курсеви младите уметници ќе имаат можност да работат со врвни имиња и ментори, кои ќе им го претстават светот на професионалното снимање во студио и филмската музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот