Европски фронт, енергетска независност, стабилна економија – се исцртуваат контурите на предизборните програми

Членство на Македонија во ЕУ до 2030 година, економска трансформација, подобро образование, здравство, подобар животен стандард, покачување на платите и пензиите, враќање на младите дома. Политичките партии ги исцртуваат контурите на предизборните програми, во предизборие, исто како да се гледа низ розеви очила. Секоја политичка партија верува дека ќе победи и ќе биде најдоброто за македонските граѓани.

СДСМ велат имале јасен план за европска Македонија и економски просперитет на државата.

„Со програмата на СДСМ 2024 – 2028 ќе продолжи зголемувањето на платите, зголемувањето на пензиите и намалувањето на невработеноста. Ќе продолжи и поддршката на индустријата која не постоеше до 2017 година. Ние првпат ја воведовме и таа поддршка сега ќе биде дуплирана. Ќе ги зголемиме субвенцииите во земјоделството и земјоделското производство. Предвидена е поддршка за младите, за лицата кои првпат влегуваат на пазарот на работна сила”, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МРТ.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било полошо. Тие критикуваат дека во Македонија се живеело многу лошо и дека потребна е стратегија за економска трансформација.

„Основа на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е економска трансформација на Македонија. Тоа е така затоа што има  инфлација од 19% и 1% раст на БДП, тоа не е домаќинска економија. Не можеме да зборуваме за стабилна економија ако инфлација стигнува и до 50%, значи многу повеќе од европската зона и сето ова е поврзано со корупцијата И криминалот кај нас“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ,Иванка Василевска во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Партиите од албанскиот политички блок кои денеска потпишаа договор за соработка, ДУИ, ДПА и ДЕП сметаат дека европскиот фронт мора да се засили и дека членството во ЕУ нема алтернатива.

„Со претседателските избори ја запечатуваме и победата на парламентарните избори. Добра иницијатива е тоа што рековме дека Европскиот фронт ќе се состои од многу етникуми, за да докажеме дека таков фронт што ќе ни ги донесе сите благодети, за да  генерациите што доаѓаат бидат воглавно обезбедени од нашето пријателство со САД и со ЕУ затоа што немаме друга алтернатива освен Европскиот фронт”, изјави претседателот на ДЕП, Скендер Реџепи.

И албанската опозиција има слична програма – да за ЕУ. Обединетите партии од опозицискиот блок, во коалциија „Влен“ во повеќе наврати истакнале дека нема да коалицираат со партија која нема да спроведе уставни измени – нешто што ќе го отвори патот понатаму кон Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот