ЕУ со ѕидови се штити од мигранти, Македонија ги лови „шверцерите“

Ограда на грчко - турската граница за да го спречи илегалниот влез на мигрантите/Фото: EPA-EFE/DIMITRIS ALEXOUDIS

Од 2014 до крајот на 2022 година должината на ѕидовите на надворешните граници на Унијата се зголеми од 315 на 2.048 километри, од кои Македонија има 37 километри жичана ограда, подигната на границата со Грција уште за време на бегалската и мигрантска криза во 2015 година.

Мигрантите никогаш не престанале да ја преминуваат македонската граница, иако не во голем обем, а главното решение за спречување на мигрантска криза е расчистување со криминалните банди кои го вршат транспортот на мигрантите. Според податоците на Европол, во криминалот за транспорт на мигранти во Македонија „се вртат“ повеќе од 20 милиони евра.

И додека Македонија, а и другите земји, бараат решение за овие криминални банди, Европа реши да се заградува. Според официјалните податоци од Европската Унија, во периодот од 2014 до крајот на 2022 година, должината на ѕидовите на надворешните граници на Унијата се зголеми од 315 на 2.048 километри. Од нив Македонија има 37 километри жичана ограда, подигната на границата со Грција уште за време на бегалската и мигрантска криза во 2015 година.

Што се однесува до нашиот регион, според податоците на „Фронтекс“, по должината на балканската рута лани биле регистрирани 145.600 поминувања кон ЕУ, што било зголемување од 136 отсто во однос на претходната 2021 година. Официјалните податоците од МВР кои ги доби „Слободен печат“ покажуваат дека во првите три месеци од 2023 година, на границите со соседните земји спречени се вкупно 2.147 обиди за илегални преминувања, од нив 1.849 обиди се спречени на влез во државата. Најголем дел од обидите се спречени на границата со Грција, каде се спречени 1.746 обиди, потоа во Србија – 81 обид, Албанија – 20 обиди и по еден обид на границите со Косово и со Бугарија. Најголем дел од спречените обиди се на мигранти по потекло од Сирија, Мароко, Конго итн.

Во мигрантскиот бизнис во Македонија се вртат 20 милиони евра

Според Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување, процесот на миграција преку македонската граница постојано тече, и тоа е геополитички процес, не е национален или само на Европа, туку на цел свет. Пивоваров вели дека неспорно е оти кај нас процесот продолжува, но добро е што официјалните податоци на МВР кажуваат дека перманентно се зголемува бројот на откриени мигранти кои транзитираат низ нашата земја.

– Главното решение за спречување на мигрантската криза е расчистување со криминалните банди. Европол има податок дека во Македонија повеќе од 20 милиони евра се вртат во криминалот за транспорт на мигранти. Тоа се меѓународни криминални групации, поврзани од Турција, каде што е „базата“ на мигрантите каде што доаѓаат слободно од Азија, Африка… и од тука рутата има неколку крака, а едниот оди низ нашата земја, преку Србија и натаму кон Европа – вели Пивоваров за „Слободен печат“.

Според него, добро е што се зголемува ефикасноста во нивното откривање, но прашањето е што понатаму. Мигрантите од прифатните центри во кои се носат, бегаат и продолжуваат во следната држава сѐ до нивната крајна дестинација во Европа, главно Германија. Во Македонија не остануваат, бидејќи не сме атрактивна локација за нив и бараат начин да стигнат до богатите земји. Затоа, додава Пивоваров, ова сега повеќе е економска мигрантска криза, а не воена како пред 7-8 години.

Но, освен кон западните земји, низ Македонија транзитираат мигранти и во обратна насока, од север од Србија кон Грција за потоа да заминат во земјите на ЕУ или да останат во Грција затоа што е побогата земја. Сепак, миграцијата кон Грција е само два отсто од вкупната миграција.

На прашањето како може да се спречи оваа миграција, Пивоваров објаснува дека „не можеме со жив ѕид да го спречиме тоа“.

– Никој не може ѕидови да гради за да го сопре овој процес. Градењето ѕидови не е решение, бидејќи не постои земја која може херметички да се затвори – вели експертот.

По Берлинскиот никнаа нови ѕидови

Земјите од Европската Унија, пак, освен што повикуваат да се депортираат повеќе мигранти кои нелегално ги преминуваат нејзините граници, веќе изградија повеќе од 2.000 километри ѕидови,  и тоа повеќе од 30 години по падот на последниот ѕид во Европа – Берлинскиот. Двете главни причини за кревањето ѕидови, според документи од европските институции, се спречување на нелегалната миграција и борба против тероризмот.
Кои се земјите кои сега со ѕидови се штитат од мигранти? Сѐ почна во раните 90-ти, кога Шпанија ги постави првите жици за да спречи нелегална миграција во нејзините енклави во Мароко, а бројот на жичани огради низ Европа се зголеми по мигрантската криза во 2015/2016 година. По оваа криза, прво тензиите, па руската инвазија во Украина, исто така натераа некои земји да подигнат огради на границите со Белорусија и со Русија.

Грција која веќе има кренато ограда долга 37,5 километри на границата со Турција. Ќе постави дополнителни 35 километри, а во иднина ограда ќе има на целата копнена граница меѓу двете земји во должина од 200 километри. Оградата на границата меѓу Унгарија и Хрватска е во должина од 131 километри, а онаа кон Србија од неодамна е повисока. И Финска почна да крева ограда на границата со Русија. Во периодот од 2023 до 2025 година Финска планира да изгради ограда долга 70 километри.

Меѓу Литванија и Белорусија има 550 километри ограда висока 4 метри, а меѓу Бугарија и Турција има жичана ограда во должина од 235 километри, подигната во периодот меѓу 2014 и 2017 година. Естонија веќе има кренато жичана ограда долга 104 километри на границата со Русија, исто како и Летонија, која што освен 93 километри кон Русија, крена ограда од 36,9 километри кон Белорусија.

Полска, исто така, има ограда кон Белорусија, долга 198,7 кимолетри. Заштитата на Норвешка кон Русија е долга само 200 метри, иако меѓусебната граница е речиси 200 км, а Австрија кон Словенија се заштитува во должина од 3,3 километри и кон Италија – со само 250 метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот