ЕУ дава пари, знаеме ли да ги земеме?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

За да ги исполниме зададените задачи во контекст на најавената нова рамка за Западен Балкан, ЕУ не нè остава сами. Оттаму стигна најава за зголемување на претпристапните фондови. Причина повеќе да се засукаат ракавите, да се направи обид да се подготват издржани проекти за да се чепне од регионалниот колач. Но ни земањето европски пари не е лесна работа.

Волја и за Западен и за Отворен Балкан има. Од сите страни стигнуваaт добри вести за регионалното поврзување. Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата последна колумна ги нагласува „новите можности за да ја донесеме ЕУ дома“, што се отворија минатата недела со објавата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која го изнесе новиот план за доближување на земјите од Западен Балкан до Европската Унија преку економска поддршка.

Јакне и домашното расположение за регионалното поврзување. Според истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје, речиси две третини од граѓаните на Македонија позитивно гледаат на иницијативата „Отворен Балкан“, во која нашата земја е вклучена заедно со Србија и со Албанија. Сега на потег се политичките елити – да ја сработат задачата, односно да креираат проекти, да ги искористат умно европските пари, да го развијат регионот и така, заедно, но и секој посебно, да почнат сериозно да ја градат европска иднина.

Новото поглавје за кое зборува Фон дер Лајен подразбира: приближување до единствениот пазар на ЕУ; регионална економска интеграција; забрзување на фундаменталните реформи и стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови. Звучи убаво, но ние сме постојано во некое турбулентно време и ниско политиканство. А имаме нова шанса, тоа е неспорно. Овој пат тешките глобалните случување, за кои неретко се коментира дека се некоја нова рамка за студената воја меѓу Истокот и Западот ја разбудија Европа да биде понаклонета кон Западен Балкан. Време е и ние да се разбудиме и да го искористиме тоа. А за тоа треба и знаење и волја.

Приближувањето до единствениот пазар на ЕУ е многу тешка задача, потешка одошто се мисли. Тоа значи дека треба да се приближиме до стандардите за квалитет што ги наметнуваат пазарите на Европската Унија, да ги применуваме нивните еколошки стандарди, да ги спакуваме доматите, пиперките, краставиците онака како што бара глобалниот пазар, да ги транспортираме согласно нивните барања… Производите треба да ни бидат висококонкурентни, но производството ни е прилично сиромашно, освен она во индустриските зони, каде се произведува за странски компании. Во дејностите во кои сме сами, мал ни е капацитетот за една Европа. Затоа и толку се зборува за регионална соработка, а за тоа треба и меѓудржавна рамка, и добра волја на претприемачите од земјите во регионот… На пример, ако прават заедно вино, млеко, сирење… заедно и да пласираат производи. За работната рака направивме исчекор преку „Отворен Балкан“, се прават проекти за вински туризам и, воопшто, за организирање туристички тури. Многу се зборува и за зелени транзитни коридори, но транспортерите се уште незадоволни од брзината на протокот на границите.

Веројатно најголем камен на сопнување ни е „забрзувањето на фундаменталните реформи“. Широк поим што ги опфаќа судството, образованието, ефикасноста на јавна администрација… За жал, дома сме си сведоци на разни циркуси – во Судскиот совет, несоодветно користење европско знаме за туркање закони на брза лента, ЕВН ни со помош на МВР не може да ја поправи мрежата во Слупчане или во Арачиново…
За да ги исполниме зададените задачи во контекст на најавената нова рамка за Западен Балкан, ЕУ не нè остава сами. Оттаму стигна најава за зголемување на претпристапните фондови. Причина повеќе да се засукаат ракавите, да се направи обид да се обезбедат што повеќе фондови преку издржани проекти од регионалниот колач.

Но, ни земањето пари не е лесна работа. За да ги исполниме овие задачи веќе сме доволно зрели. Дали по толку години чекање пред портите на ЕУ, по толку извештаи на Европската комисија за (не)напредокот на земјата, научивме нешто за тоа како можеме да ја донесеме Европа дома? Реално, досега требаше да бидеме во ЕУ, но, да си признаеме – на тој пат не нè сопна само ветото на Грција и на Бугарија. Си имаме ние многу сопствени сопки и уште се самосопнуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот