Еколошка такса ќе има и за бензините и за дизелот

Дополнителната акциза за бензините и за дизелот се вметна во закон на 4 април и таа може да биде од нула до 3 денари во зависност од цената на дериватите на берзите. Покрај оваа давачка, од 1 јули ќе има и еколошка такса од 3,5 денари.

Од 1 јули се воведува еколошка такса од 3,5 денари за нафтата и за нафтените деривати, потврди вчера премиерот Зоран Заев на прес-конференција. Ова значи дека еколошка такса ќе има не само за дизелот, како што првично обелодени ВМРО-ДПМНЕ, туку таква еколошка такса ќе има и за бензините.

– Според обврските што ги имаме кон Европската Унија, како и во согласност со Парискиот договор што го имаме усвоено преку Собранието, нашата земја ќе ја спроведува зелената агенда – ќе има еколошки такси за компании, за употреба на јаглен и ќе има еколошка такса за нафтата и нафтените деривати. Целта е што помала употреба на фосилните деривати, да се свртиме кон зелената енергија, кон новите технологии. Ова значи што повеќе да возиме велосипеди, тротинети, па и возила на струја и хибридни возила – вели Заев.

Најавите за еколошката такса предизвика бурни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

„Дали Заев ќе се откаже од возење мотор“; „Дали ќе ни даде пари да си купиме електрични возила“…, се само дел од реакциите на социјалните мрежи.

Во Македонија возниот парк на населението е во катастрофална состојба. Просечната старост на возилата е речиси 19 години. Според податоците од Царинската управа, во изминативе пет години се увезени околу 150.000 половни возила. Во најголем дел, овие автомобили се со еколошкиот стандард евро 4, кој ЕУ полека го истиснува за сметка на повисокиот евро 6 стандард за емисија на штетни гасови.

Она што во моментов може да се смета за чудно е што според важечката регулатива во Македонија, акцизата и сегашната еколошка такса за дизел-горивото се пониски од оние на бензините. Така, во последната цена, формирана во понеделникот, висината на акцизата за дизелот е 17,5 денари, а на бензините е 20 денари, додека еколошката такса за дизелот е 0,03 денари за литар, а за бензините е 0,80 денари. Инаку, и акцизата стана променлива категорија, затоа што покрај основниот износ, има и дополнителна акциза која е од нула до 3 денари и која зависи од цените на нафтените деривати на берзата.

Оваа дополнителна акциза од 6 април влезе во закон, откако претходно беше воведена во уредба со законска сила, додека траеше вонредната состојба поради пандемијата. Образложението за воведувањето на дополнителната акциза беше дека цените на горивата се многу ниски, а од друга страна, поради пандемијата, неопходни се пари во Буџетот. Во моментов оваа дополнителна акциза вградена во вкупната акциза за дизелот (17,5 денари) е 2,2 денари.

Според сегашната структура на цената на дизелот, повеќе од 40 отсто од цената ја формираат давачки кон државата. Имено, актуелната цена на дизелот е 61,5 денари. Од нив 27,5 денари се вкупните давачките за акциза, ДДВ и еколошка такса. Тоа е износ поголем од набавната цена на дизелот која е 27,916 денари. Во формирањето на цената учествуваат и трошоците за складирање и трговска маржа кои се 5,320 денари, транспортните трошоци од 0,75 денари, како и 0,3 денари за задолжителните резерви.

Во однос на бензините, кај БС-95 набавната цена е 29 денари, а продажната е 68,5 денари. Крајната цена на бензинот БС-98 е 70,5 денари, додека набавната цена е 30,62 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот