Една од судијките што ја укинаа пресудата за Мијалков била во пензија уште од 7 декември

Сашо Мијалков / Фото: EPA-EFE

Судијката Лидија Чачева, која е меѓу петтемина судии кои ја донеле одлуката на Апелацискиот суд за укинување на пресудата за Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Гордана Јанкулоска и другите за масовното прислушување во предметот „Таргет-Тврдина“, е во пензија уште од седми декември, според објавата на одлуката на Судскиот совет од тој датум, објави СДК.мк.

Во соопштението за седницата на 7 декември на веб-страницата на Судскиот совет стои дека Чачева е меѓу четворица судии на кои им престанува судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија.

Според СДК, Чачева честела на работното место за пензионирањето, кое се случило девет дена пред скопска Апелација денеска да соопшти дека таа одлучувала за предметот, кој се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Со одлуката на Апелација, ова судење се враќа на почеток во Основниот кривичен суд Скопје. Мијалков претходно беше осуден на 12 години, Грујевски и Бошкоски на по 15 години, а Јанкулоска беше осудена на четири години затвор.

Се поставува прашањето како е можно пензионирана судијка да одлучува во Совет на Апелационен суд? Претседателката на Судот, Лидија Димчевска, засега не одговара.

Изминативе денови, медиумите секој ден прашуваа во Апелацискиот суд Скопје за тоа дали има пресуда за „Таргет-Тврдина“. Во петчлениот совет се претседателот, Јани Нича и членовите Енвер Беџети, кој беше судија-известител и со месеци го чуваше во фиока предметот кој ќе застари за две години, Лидија Чачева, Ѓоко Ристов и Тања Милева. Од судот со месеци одговараа дека нема ништо ново во врска со пресудата.

Ако немало одлука до денес, не е јасно како можела да гласа Лидија Чачева, која Судскиот совет ја пензионирал уште на 7 декември. Ако, пак, советот ја донел одлуката непосредно пред таа да се пензионира, тогаш зошто Апелацискиот суд Скопје девет дена лажел дека нема одлука?

Овој предмет е со обвинителен предлог, а не со обвинителен акт, што значи дека на Мијалков за две години засекогаш му застарува кривичниот прогон за прислушувањето.

Судијата-известител Енвер Беџети од март го чува во фиока предметот за масовното незаконско прислушување. На тест е Судскиот совет, кој треба да одлучи дали пријавениот кандидат за врховен судија Енвер Беџети по ова заслужува да биде унапреден.

Апелација ја укина и втората пресуда, Сашо Мијалков куртули од 20 години затвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот