
Една година од смртта на Михаил Ренџов: Поетот кој македонскиот дух го претвори во поезија
Денеска се навршува една година од смртта на еден од најголемите македонски поети Михаил Ренџов. Роден во Штип на 25 август 1936 година, Ренџов беше прозаист и преведувач чиј глас остави длабока трага во современата македонска литература.
Препорачано
Завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и долги години работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, каде бил советник по библиотекарство. Член бил на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.
Богато творештво што ја одбележа една епоха
Михаил Ренџов зад себе остави обемно и извонредно творештво кое ја обликуваше македонската поетска мисла. Меѓу неговите најпознати книги се:
„Иселеник на огинот“ (1965), „Ноќно растење на зборот“ (1967), „Каде од оваа страна“ (1968), „На работ од сонот“ (1972), „Страв“ (1976), „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ (1987), „Земја. Потоп“ (1991), „Сонување патување“ (1991), „Тој“ (1993), „Шпил“ (1994), „Вечната бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998), „Ангела сонува“ (1998), „Псалми“ (2000), „Апокалипса“ (2002), „Раскази за Захариј“ (2004), „Сонети“ (2010) и „Зраци“ (2023).
Освен поет, Ренџов беше и извонреден преведувач. Неговиот препев на асиро-вавилонскиот еп „Гилгамеш“ (во три изданија: 1994, 1997 и 2000) се смета за едно од највредните достигнувања во македонската преведувачка книжевност. Преведувал и дела како „Тиранија на сонот“ од Каролина Илика и „Мудрости и горчини“ од Дритеро Аголи.
Награди и признанија
За своето творештво, Михаил Ренџов добил бројни признанија:
1964 – Награда на СВП за необјавена песна
1966 – Ноемвриска награда на градот Штип за „Иселеник на огнот“
1982 – Награда „Браќа Миладиновци“ и „11 Октомври“ за „Нерези“
1993 – Григор Прличев за поемата „Тој“
1997 – Гранд При Интернационал – Романија
1998 – Златно перо за препевот на „Мудрости и горчини“
1999 – Ацо Шопов за „Јас оксиморон“
2000 – Македонска номинација за Балканика
2004 – Рациново признание за „Раскази за Захариј“
2007 – Фондација Рамковски
2009 – две награди Григор Прличев – за поемата „Предвесница“ и за препевот на „Тиранија на сонот“
Наследство што живее
Михаил Ренџов почина во Скопје на 8 октомври 2024. Тој ќе остане запаметен како поет на словото и татковината, автор кој успеа да создаде стихови кои и денес одекнуваат со истата сила и убавина.
Неговите зборови ќе продолжат да живеат во училиштата, библиотеките и срцата на љубителите на македонската поезија.