Џолев: Се манипулира дека судот е виновен за застарувањето на предметите на СЈО, а тие застареа поради измените на Кривичниот законик

Кривичен суд / Фото: МИА

Предметите против поранешните функционери што ги отвори сега згаснатото Специјално јавно обвинителство не застареа заради неефикасно судство и судиите, туку поради измените на Кривичниот законик со кој се намалија казните за кривичното дело злуоптреба на службената положба и овластување по член 353. Ова е ставот на претседателот на Кривичниот суд Скопје Иван Џолев кој на брифинг со новинарите ги образложи сите причини за застарувањето и побара да престанат манипулациите во јавноста дека предметите застареле затоа што се суделе по седум, осум, па и десет години. Вчера премиерот Димитар Коваевски и вицепремиерката Славица Грковска, а пред некој ден и претседателот Стево Пендаровски го обвинија судството како најдговорно што од затвор ќе се спасат поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

– Прозвани сме многу често и апелирам да се престане да се вперува прстот во судството затоа што причината што некои од овие предмети се застарени не е во судството. Судењата на предметите на СЈО почнаа во јануари 2018 година и досега се поминати пет години и 10 месеци и обична математика вели дека не можеме да правиме муабет за траење на постапки до 10 години. Тие траат пет години, со тоа што сите предмети, освен три, се завршени барем по еднаш со првостепена пресуда, а некои и по два пати. Ние апелиравме и за меритоно одлучување од страна на Апелација и ако ја исполнуваа таа обврска сега не би зборувале за застарени предмети. Јавноста треба да знае дека и две години во период на пандемија та имаше огромен број на одлагања на судските рочишта заради болен сведок, обвинет, обвинител, судија итн. Во период од една година период главната обвинителка беше во притвор и немавме надлежен обвинител кој ќе ги застапува предметите пред судот и немавме нов закон за јавното обвинителство, за да продолжат предметите. Важно е и почитувањето на сите права на одбраната, а ние дури во април 2019 година април добивме донација аудиоопрема и се создадоа услови за судењата да се снимаат и да се одвиваат непречено, како и просторни услови за повеќе судења истоврмено. Сето ова кога ќе го соберете ќе видите дека во тие пет години и 10 месеци, овие постапки практично се завршиле за две, две и пол години, а од нив некои се и правосилни – рече судијата Џолев.

Според него, главниот проблем за застарувањето се измените на Кривичниот законик.

– Требало да се внимава на тајмингот кога тие измени се случуваат. Ако станува збор за усогласување со ЕУ, требало да се размисли дали сега е вистинското време. Многу е важно кога одредени работи треба да се случат, во спротивно тајмингот може да е контрапродуктивни. Со ваков тајминг добивме многу застарени предмети. Дали требаше да почекаат да се завршат судењата, па да се оди на измени на КЗ, треба да се анализира. Обвинителските и судските авторитети се произнесоа дека измените на КЗ се упад во судскиот систем и дека во прв момент изгледа дека не се добри. Времето на крај ќе покаже дали измените се добри или не и дали имаат придонес за владеењето на правото – рече Џолев.

Тој додаде дека единствена придобивка од измените на КЗ во насока на забрзување на постапките е во тоа што ќе се смени стварната надлежност во постапувањето, и од предмети во кои постапувал судечки совет од двајца судии и тројца судии-поротници, отсега за злоупотреба на службената дожност ќе суди еден судија кој може да даде побрза димнамика на закажувањето на рочиштата затоа што не мора да усогласува термини со други судии.

Според статистиката од АКМИС за сите активни предмети по став 3 и став 5 од член 353 од КЗ во Кривичниот суд се судат 36 предмети против 197 лица од кои 38 лица се од преметот „Змиско око“. Од судот не очекуваат дека сите овие предмети ќе застарат, а лицата ќе будат ослободени, туку понатаму во зависност од предлогот од обвинителот ќе одлучува судијата.

Од сите 21 предмети на СЈО, три предмети, „Траекторија“, „Талир“ и „Тотал“ уште се судат, 18 други предмети најмалку еднаш биле првостепено одлучени, а „Титаник 3“, „Титаник 2“ и „Тревник“ се прeсудени по два пати. Предметите „Тендери“, „Талир 2“, „ТНТ“, „Маџар Телеком“ се во Апелација. Правосилни се предметите „Тифани“, „Труст“, „Насилство во Центар“, „Тортура“, „Тенк“, „Триста“ и „Транспортер“.

Од Кривичниот суд потенцираат дека Апелацискиот суд има обврска и право согласно Законот за кривична постапка да донесе мериторна одлука за пресудите, но за овие предмети не донел ниедна мериторна одлука, односно, секогаш предметите биле враќани на повторно постапување. Од судот објаснуваат дека предметот „27 април-организаотри“ седел во Апелација една година и три месеци, од декември 2021 година, до април 2023 година. Предметот „Топлик“, кој Апелација вчера го врати во Кривичен на повторно судење е држен во вотостенениот суд точно една година. Од судот потенцираат дека во изминазтиве години, освен предметите на СЈО, се суделе и се пресудите предметите за случувањата на 27 април, па „27 април-организатори“, „Рекет 1“ и „Рекет 2“, кој пак веќе 11 месеци е во Апелација. Уште се активни и предметите „Траекторија“, „Таргет“, „Тотал“, како и предметите што подоцна се започнати, како „Шпански скали“ и предметите против Стевчо Јакомовски, Силвана Бонева и Мухамед Зекири.

Од Кривичниот суд потенцираат и дека во предметот ТНТ судија-поротник два пати се повлекувал од судењето токму пред завршните зборови, поради што судењето почнувало од почеток.

– Овој суд, тогашниот претседател Владимир Туфегиќ испрати барање до тогашната министерка за правда Рената Дескоска барање за измени на ЗКП со кои при промена на член на судечкки совет, освен на претседателот, одбраната да нема право да бара судењето да почне од почеток, но на тоа никогаш не добивме одговор – велат од Кривичниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот