Државниот врв го одби предлогот за лидерска средба

лидерска средба собрание
Лидерска средба во Собрание / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски сметаат дека нема потреба од лидерска средба, бидејќи роковите за изборните циклуси се определени според закон и Устав и отстапувањето од тие роковите ќе предизвика уставна криза.

Државниот врв го одби предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерска средба за да се утврдат датумите за двојни избори и за техничка влада. Шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски сметаат дека нема потреба од лидерска средба, бидејќи роковите за изборните циклуси се определени според закон и Устав и отстапувањето од тие роковите ќе предизвика уставна криза.

Претседателот на Собранието Талат Џафери би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори само ако претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа, предупредувајќи дека ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на година, а потоа би значело течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовните избори.

– Прво и основно не е прашањето дали претседателот на Собранието би повикал или не лидерска средба. Мислам дека посоодветно е да се постави прашањето до лидерите на политичките партии дали би се одѕвале на евентуална покана и од тоа зависи цела понатамошна постапка. Посоодветно би било прво информација да се има од волјата на лидерите да дојдат во Собрание. Од мој аспект нема никаков проблем таа волја да ја удоволам – вели Џафери.

На прашањето за Џафери дали сепак би свикал средба доколку мнозинството лидери на партии го бараат тоа од него, и покрај тоа што премиерот и лидер на СДСМ се изјасни дека нема потреба од такво нешто, претседателот на Собранието вели која би била смислата на една таква средба ако нема волја од сите.

– Ќе свикам, но што ако не дојдат сите? Јас не одредувам теми за разговор – истакнува Џафери.

Мицкоски во неколку наврати побара претседателските и парламентарните избори да се одржат едновремено за да не се доведе во ситуација да пропаднат изборите за шеф на државата и земјава да не влезе во уставна криза.

Од кабинетот на претседателот на државата за „Слободен печат“ велат дека тој нема намера да свика лидерска средба за изборите.

– Македонија има Устав и закони. Претседателот Пендаровски не смета дека има потреба од лидерска средба – велат од кабинетот на претседателот.

За загриженоста на Мицкоски од можна уставна криза ако пропаднат претседателските избори доколку се одржат одвоено, премиерот му одговори дека уставна криза ќе има ако не се почитуваат уставните и законите рокови.

– Во моментов имаме процеси што се пред нас, прво претседателски, па парламентарните избори и доколку се држиме до роковите пропишани од Собранието, согласно закон и Устав, нема никаква опасност да се дојде во каква било криза. Што се однесува до средба за определување датуми, не може двајца луѓе да седнат и да дерогираат цел еден правен и парламентарен систем во државата само затоа што тие двајца се договориле нешто. Претседателот на Собранието ги има сите ингеренции, со пратенички групи на неделна координација разговара со нив и ние сме разговарале за тоа кои се клучните процеси во државата, а тоа се евроинтеграциите – рече Ковачевски.

Тој повтори дека опциите што ги понудил на последната лидерска средба се на маса, односно ако опозицијата ги поддржи уставните измени истиот ден може да се оди на избори или втората опција, ако опозицијата го поддржи процесот на уставни измени тогаш може да се формира заедничка влада која ќе го заврши скринингот, ќе отвори и затвори едно до две поглавја и ќе може да се оди на претседателски и парламентарни избори.

– Има простор да продолжиме со разговори, има формирано работна група што во секој момент може да биде повикана да се разговара, но приоритет за мене се европските интеграции на државата – рече премиерот.

Мицкоски побара лидерска средба и за да не се супституираат институциите предложи неа да ја свика претседателот на Собранието. На лидерската треба да се утврди датумот за техничката влада и, според Мицкоски, логично е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно, односно парламентарните избори да се одржат со вториот круг од претседателските избори.
Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека изборите за шеф на државата може да бидат неуспешни, односно да не се постигне цензусот од 40 отсто, иако тврдат дека не планираат бојкот на изборите.
Бидејќи на 5 мај, кога е крајниот рок за вториот круг претседателски избори е Велигден, а на празник не се одржуваат избори, според ВМРО-ДПМНЕ, првиот круг на претседателски избори може да се одржи на 14 април, а вториот круг од избор на шеф на државата заедно со парламентарните избори да биде на 28 април.

Парламентарните избори во редовна постапка мора да бидат во последните 90 дена од мандатот на актуелниот парламентарен состав. Крајниот рок за вториот круг на претседателските избори е 5 мај. Џафери во телевизиско гостување изјави дека редовните претседателски и парламентарни избори се среќаваат на 5 мај и дека се надвор од тој датум се предвремени парламентарни избори за што треба да се распушти Собранието. Ако двата изборни циклуси се во редовниот термин, тогаш на 12 мај треба да има нов претседател на државата, а на 15 јули треба да имаме нов Парламент бидејќи дотогаш е мандатот на пратениците.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски излезе со поддршка на барањето за двојни избори. Тој смета дека не постојат никакви причини претседателските и парламентарните избори да се одржуваат одвоено, освен поради партиските калкулации на власта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот