Драмски театар Скопје со „Хеда Габлер“ гостува на фестивалот РУТА во Сараево

Сцена од претставата „Хеда Габлер“ во Драмски театар

Во рамките на босанско-херцеговското издание на Регионалниот театарски фестивал – РУТА, што во организација на „Камерни театар 55“ од 24 до 29 мај се одржува во Сараево, на 27 мај ќе гостува претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар Скопје.

Македонската премиера на „Хеда Габлер“ се одржа на 20 април и гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба и прво гостување на претставата во странство.

„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов, а костимите се на костимографката Розе Трајческа-Ристовска.

Улогите ги играат актери на Драмски театар Скопје: Сања Арсовска, Зоран Љутков, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула и Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата истакнува дека: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајќи уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер, како една од најпознатите (анти)хероини во драмската литература, одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува ’машка моќ‘ да може да влијае, како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост.“

Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело.

Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот