
Драган Стојковиќ Пикси: Сите на Европското првенство почнуваат од нула, сите имаат шанси
Селекторот на српската фудбалска репрезентација, Драган Стојковиќ денеска се обрати пред јавноста во пресрет Европското првенство што ќе се одржи во Германија (14 јуни – 14 јули 2024 година)
Препорачано
Прес-конференцијата се одржа во Куќата на фудбалот во Стара Пазова, каде Пикси го образложи списокот на играчи што го објави во вторникот, а во продолжение зборуваше и за различни теми од интерес на фудбалската јавност во Србија.
На почетокот на своето претставување, Пикси откри дека го радува фактот што тимот се подготвува за Европското првенство.
– Исклучително сум задоволен од фактот што ги започнавме подготовките малку порано од вообичаената програма. На играчите им ја објаснив важноста на претстојниот турнир. Кој можеше, дојде. Тоа се 16 играчи до сега. На 1, 2 и 3 јуни се приклучуваат и останатите – рече Стојковиќ.
Српскиот селектор зборуваше за ростерот за Европското првенство каде неговите репрезентавци се во групата „Ц“ со Англија, Данска и Словенија.
– Во овој момент ова е најдоброто што го има Србија. Тука сум да донесувам одлуки и да не правам услуга на никого. Добро размислив и со оваа група од 26 играчи сум целосно задоволен. Сите репрезентации на овој турнир почнуваат од нула. Сите имаат иста шанси. Ќе направиме сè за да биде успешен тој прв чекор, а тоа е пласман во вториот круг. Подоцна фокусот и размислувањето ќе одат во таа насока, кој е нашиот следен противник.
Покрај дефанзивните тактички работи, ќе внимаваме и на физичката подготвеност. Посебно ме радува што „амбулантата“ што ја имав пред две години сега ја нема. Важно е да нема повреди и тоа е многу важен сегмент за мене како селектор – се зборовите на српскиот селектор.