
Драган Мијалковски се враќа на музичката сцена во продукција на Радио „Бубамара“, напишал 60 нови песни
Легендарниот пејач Драган Мијалковски по долги години се враќа на македонската музичка сцена со 14 нови песни.
Препорачано
Иницијатори за новата музика на Мијалковски, чии евергрини на сите ни ги топлат срцата, се Ранко Петровиќ, сопственик на Радио „Бубамара“, и тимот на радиото. Петровиќ за „Слободен печат“ вели дека долго време тој и неговите соработници ја имаат таа идеја, Мијалковски повторно да запее пред публика.
– Во изминативе години, Драган напишал многу песни, околу 60. Од нив, ги избравме најдобрите 14, од кои досега се снимени три, со аранжмани на Дамир Имери. Кога му ја кажав идејата дека сакаме да дојде како гостин на „Златна Бубамара на популарноста“, му се допадна. Ми рече дека има многу нови песни и дека би сакал да ги сними, но медиумски да не се експонира додека не биде готов целиот материјал – вели Петровиќ.

Тој додава дека Драган е еден исклучителен човек и вокал и дека прифатил повторно да запее во продукција на Радио „Бубамара“, на заедничко задоволство.
– Засега снимаме во Скопје, а плановите понатаму се да работиме и во познати студија на Балканот и во Европа – вели Ранко Петровиќ и додава дека Драган Мијалковски ќе го добие третманот што како ѕвезда го заслужува.
Позитивни реакции од публиката за изведбата на неговите легендарни хитови, Драган доби на 26 јули, кога во скопскиот парк „Ибни Пајко“ настапи во придружба на ЗЏМ оркестарот. Концертот се одржа по повод 60-годишнината од скопскиот земјотрес, во чест на настраданите и со почит кон нивните семејства, како и кон што покажаа солидарност во тие тешки моменти. Беа изведени најубавите македонски евергрини од страна на ЗЏМ Биг Бендот, оркестарот на МОБ, заедно со Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрин и Светлана Јовановска.

По тој настап на Мијалковски, Ранко Петровиќ на својот профил на Фејсбук го најави неговото враќање на музичката сцена и објави снимка од неговиот настап со познатата „Кажи ми“, една од многуте песни на Драган што народот ги сака.
Со голем ентузијазам, тимот на Радио „Бубамара“ ги најавува новите песни на музичарот, кој беше популарен низ цела поранешна Југославија, освојуваше многу награди на престижните фестивали и остана синоним за една од најголемите македонски ѕвезди во забавната музика.
