Дождливото време ја „разболе“ пченицата во регионот

Пченица / Фото EPA-EFE/YAHYA ARHAB

Ретката болест „жолта рѓа“ забрзано се шири на полињата во Србија, Хрватска и во другите соседни земји, а бидејќи сме увозно зависни за лебното жито, се поставува прашањето дали ќе го има доволно и дали ќе можеме да се снабдиме за наредниот период

Сè уште е рано да се процени колкави ќе бидат загубите за жетвата на српската пченица, но јасно е дека ретката болест „жолта рѓа“ забрзано се шири на полињата во Србија, Хрватска и во другите соседни земји. А, со оглед на фактот дека Македонија е увозно зависна земја од лебното жито, се поставува прашањето дали ќе го има доволно и дали ќе можеме да се снабдиме за наредниот период? Мирослав Малешевиќ, експерт за оваа земјоделска култура за агенцијата Бета, објасни дека болеста „жолта рѓа“ е габа која ја уништува лисната маса – ретко се појавува во Србија и дека е карактеристична за медитеранските земји. Се развива во услови на нагли пролетни температурни флуктуации, придружени со дожд и снег, односно какви што имавме во март, април и сега во мај.

-Жолтата рѓа се шири со неверојатна брзина, како оган и за два-три дена може да го нападне родот на целата нива. Последен пат во Србија се појави во 2014 година, кога направи значителна штета – изјави Малешевиќ. Тој рече дека може да се процени степенот на штетата, но дека „не е сè загубено“ доколку пченицата веднаш се третира со заштитни средства. Уште во средината на март, експертите предупредија дека до 60 отсто од житните култури имаат симптоми на одредени болести, а оваа појава е многу поизразена во Војводина отколку во централна Србија. Во моментов тоа е проблем кој се забележува и во Хрватска и во другите соседни земји.

Увозот на жита е на трето место во трговијата со нашиот северен сосед и за нив лани биле потрошени 42 милиони евра. Кога почна војната со Укарина, Србија го забрани извозот на нивната пченица, но нашата земја беше изземена од одлуката. Тогаш од соседна Србија се бараа огромни количини на пченица од повеќе европски земји, но приоритет добија земјите од „Отворен Балкан“. Така, земјава речиси и не почувствува недостиг од пченично брашно, иако во првите денови по почетокот на кризата во Украина, граѓаните збришаа огромни количества на брашно, макарони и зејтин од трговските рафтови. По таа криза, продажбата беше стабилизирана, па иако бараа, мелничарите не добија жито од стоковните резерви, ни тогаш, а ни откако беше замрзната цената на основниот бел и полубел леб.

Последниот месец пак се појави огромен суфицит од лебно жито од Украина, па неколку европски земји го забранија увозот, з ада го заштитат домашното прозводство. Во моментот Владата нема донесено никаква мерка во врска со увозот на жито од Украина, но ќе ги следиме препораките на ЕУ, изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Тој додаде дека ако има потреба и ако има добра цена, ќе се дозволи увоз на жито, но ќе се води сметка за заштита на домашното производство и пазар. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, неодамна се пофали дека оваа година имаме зголемени пријавени површини, зголемено производство, што значи намален увоз на овие култури, па иако сме увозно зависна земја, лани е постигната рекордна цена во жетвата.

-Ние сме единствена земја во регионот која што за зголемување на мотивираноста, лани воведовме интервентен фонд на барање на земјоделците. Тие, побараа 30 проценти, ние одлучивме да доделиме 40 отсто субвенции на 12.000 производители на пченица, пченка и останатите важни стратешки култури пред да започне војната во Украина – истакна неодамна Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот