Дора Бакојани, поранешна министерка за надворешни работи на Грција: ЕУ го нема луксузот да го остави на чекање Западен Балкан

Дора Бакојани/ no, Credit line: Pacific Press / ddp USA / Profimedia

ЕУ мора да признае дека европскиот кредибилитет беше ставен на тест што се однесува до регионот и земјите од Западен Балкан. Веќе го нема луксузот за одлагање, вели во интервју за „Слободен печат“ поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, сега пратеничка во грчкиот парламент и шефица на грчката делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур.

Во Вашето обраќање во Советот на Европа рековте дека времето за Западен Балкан истекува и ЕУ треба побрзо да донесе одлука. Што мислевте точно со тоа „истекува времето“?

– Нема сомневање дека во февруари 2022 година, по инвазијата против Украина, светот влезе во нова геополитичка ера во која повторно во центарот е Европа, а околу неа се формираат страни. Фингирани војни, енергетска криза, економска криза и пред сѐ криза на вредности што гарантираа мир и стабилност во Европа се испреплетоа во клучен момент во нашата модерна историја. Ова создава предизвици и соодветни можности, во зависност од страната на која сте, вредностите што ги застапувате и целта кон која се стремите: мир и стабилност или поделба и конфликт.

Западен Балкан, како што покажа неговата историја и стратегиската локација во минатото, ќе игра значајна улога во новата геополитичка Европа. Тој може да биде дел од предизвикот што ќе ја разниша стабилноста на регионот или ќе има можност за приближување, обединување и за создавање една Европа, доволно силна за да стои исправена. Времето е од суштинско значење и Западен Балкан и ЕУ мора да го признаат тоа. Со години Западен Балкан правеше чекори напред, правеше реформи за да ги достигне стандардите на една модерна ЕУ. Денеска за ЕУ е императив да го награди овој напредок и да се развива на стабилни основи.

Зошто Европа го заборави своето ветување за европска интеграција на Западен Балкан?

– Не е толку дека ЕУ го заборави своето ветување за интеграција, туку повеќе дека најде време и повторно, изговори и услови, за да го забави процесот. Се разбира, условите и изговорите не беа сосема незначајни. Напротив. Да бидеме искрени, во изминатите 10 години бевме сведоци на многу предизвици за ЕУ и за нејзините држави членки. Имаше причини и од двете страни да бидат внимателни. Од своја страна, на Западен Балкан му требаа реформи, требаше да ги реши проблемите и споровите со соседите и да развива стандарди кои што може да ги достигнат оние на членките на ЕУ. И, на крајот, не смееме да заборавиме дека ЕУ е унија на, најчесто истомисленици, земји членки што мора да имаат барем еден заеднички именител за вредности, како и стандарди и практика на владеење на правото со цел да обезбедат соработка и просперитет. И покрај тоа, може да се потврди дека ЕУ мора да признае дека европскиот кредибилитет беше ставен на тест што се однесува до регионот и земјите од Западен Балкан. Веќе го нема луксузот за одлагање.

Мислите ли дека на ЕУ ѝ требаат промени во однос на проширувањето со оглед дека последниот случај со Бугарија и Северна Македонија и злоупотребата на членството во ЕУ од страна на Софија ги покажаа сите пукнатини во системот на Унијата што можат да бидат голем проблем при идното проширување?

– Имаше жива дебата за процесот на проширување во изминатите две години и во Европската комисија и на ниво на ЕУ. Во случаите на Северна Македонија и на Албанија имаше празнини и прашања кои се покажаа како контрапродуктивни за процената и процесот на проширување. Нема да навлегувам во специфични прашања со Бугарија или со други земји од ЕУ кои во одредени моменти се противеа на проширувањето. Како што реков, ЕУ е унија на земји членки со специфичен сет стандарди и вредности на кои им е дозволено и имаат право да изразуваат загриженост за време на таков процес. Прашањето и вниманието мора да се фокусираат на тоа што научивме од овие неуспешни процеси и што можеме да подобриме за да го постигнеме посакуваниот исход, што не е ништо друго туку Западен Балкан во ЕУ.

Како што веројатно знаете, во изминатите две години работевме на подобрување на методологијата на проширување за да биде подинамичен, кредибилен и посилен политички процес. Предлогот е веќе усвоен и имплементиран, имаме групирање на пристапни поглавја, повеќе политички дијалог со регионот и пристап врз база на заслуги. Верувам дека ЕУ учеше од изминатите 10 години и ќе може да испорача покредибилен процес на проширување.

Бугарија инсистира дека не постојат македонски идентитет и македонски јазик, дека сме иста нација со заедничка историја, дека тие биле администратори а не окупатори во Втората светска војна…? Би се согласиле ли Вие, на пример, дека тие биле администратори и во северниот дел на Грција?

– Како што веќе споменав, ЕУ е унија на земји членки со нивна историја, традиција и интереси. Ние споделуваме вредности и принципи и пред сѐ споделуваме визија за иднината. Иднина што се заснова на мир, просперитет и разбирање. Сепак, сите ние треба да ги решиме сите несогласувања мирно, со дијалог и со разбирање. Ова беше патот што го следеше Грција, останувајќи верна на својот народ и на вредностите што ги следевме со векови. Не сакам никако да се расправам по ова прашање, бидејќи на крајот, кога станува збор за односот и соработката помеѓу две страни, често третото мислење може да не биде конструктивно или корисно.

Бугарија како членка на ЕУ има право да ја изразува својата загриженост, да бидe слушната. Се разбира, не да го злоупотребува таквото право, туку да го користи конструктивно. Останува Северна Македонија и Бугарија да работат на решавање на нивните несогласувања и да најдат начин да се погледнат очи в очи. Не само затоа што тоа е неопходно за перспективата за членство во ЕУ, туку пред сѐ затоа што овој регион искусил поделби, тоа е негова историја. Верувам дека е време да се даде нов пример – на единство и просперитетен соживот.

Говоревте и за можноста за доаѓање на други „играчи“ во регионот. Колку е опасна ваквата можност?

– Тоа веќе не е можност. Тоа е реалност и тоа веќе неколку години. Други геополитички играчи, како Русија, веќе се во регионот, градејќи влијание и инвестирајќи во поделби. Обично се работи суптилно креирање сомнежи и неизвесност. Видовме ова како функционира во многу случаи претходно, го видовме тоа во Европа за време на подемот на популизмот и сè уште го гледаме денеска, и тоа со засилен интензитет за различни прашања, од здравство, енергија, демократија, до слободи и човекови права. Тие активности се насочени кон нашите вредности, нашите надежи, тие се насочени кон она што нѐ зближува. Затоа е важно луѓето од Балканот, од Европа, да не го заборават минатото, меморијата, нивниот заеднички пат и надеж. Затоа императив е демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, вредностите што му даваат глас на секој од нас, но и на сите нас заедно како општество, да бидат заштитени и зајакнати; за да не станеме подложни на странско мешање, на раздор. Советот на Европа, како светилник на вредностите и владеењето на правото во Европа, работи на зајакнување на своите процеси, на своите земји членки, на своите народи, бидејќи многу добро го познава ова странско мешање. Самата ЕУ, пак, останува безбедно место и нивен предводник. Ова е борбата што ќе ја водиме во годините што доаѓаат.

Неодамна во Прага се одржа првиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), но остана нејасно каков формат ќе биде тоа и дали ќе биде замена за ЕУ или не. Им треба ли на европските земји таква заедница или треба да се концентрираат на ЕУ?

– Европската политичка заедница чиј самит се одржа во Прага беше формат што ја нагласува потребата да се оди над ЕУ како политичка и економска унија. Се однесува на регионот на Европа како целина и на вредностите што ги спојуваат државите. Тоа никако нема да биде замена за ЕУ бидејќи карактерот и опсегот на ЕПЗ се сосема поинакви. Сепак, не сум сигурна дека нови формати се начинот за одење напред во овој момент.

Советот на Европа останува најважната регионална организација за Европа во ова критично време. Нејзините членки се речиси исти со оние на ЕПЗ и има долга историја на политичка соработка и работа, која можеме да ја надградуваме. Уште повеќе, со оглед на борбата за демократија и човекови права, Советот на Европа како организација може да обезбеди легитимитет, длабинска соработка и разбирање на ниво на кое другите организации не можат. Тоа е затоа што, додека ЕУ и ЕПЗ имаат формат на меѓувладина организација, Советот на Европа во своето јадро го има Собранието на парламентарци од сите земји членки, кои се избрани од народот и имаат директен и поефективен однос со заедниците и општествата во земјите членки.

Што треба да направи регионот за да ја надмине до некој степен енергетската криза? Што е неопходно и за земјите од ЕУ и за останатите во регионот?

– Кога зборуваме за енергетската криза, претстојните месеци ќе бидат голем предизвик. Русија одбра да ја користи енергијата како оружје, а тоа го правеше долго пред инвазијата. Европа со бавни чекори се движи кон обезбедување на своите потреби, но се надевам дека ќе успее како што успеа и за време на пандемијата. Имаше обиди да се покаже единство, да се регулираат цените на енергијата и да се овозможи поголема финансиска помош за граѓаните и за бизнисите. Земјите членки на ЕУ и земјите од Европа треба да покажат солидарност, соработка и да користат национални механизми за справување со некои од страшните последици од енергетската криза, но никогаш по цена на европската стабилност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот