Документ со кој се стави крај на војната во БиХ: Денеска се одбележуваат 25 години од потпишување на Дејтонскиот договор

Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ го потпишуваат мировниот договор во Дејтон, САД на 25 ноември 1995 година

На денешен ден, пред 25 години во Париз, беше потпишан Дејтонскиот договор со кој се стави крај на војната во Босна и Херцеговина.

Договорот, кој беше постигнат на 21 ноември во 1995 година, го потпишаа поранешните претседатели на Србија, на Хрватска и на Босна и Херцеговина, Слободан Милошевиќ, Фрањо Туѓман и Алија Изетбеговиќ на 14 декември во присуство на тогашниот државен секретар на САД, Ворен Кристофер.

Босанската држава, со договорот, беше зачувана, но поделена на два ентитета – Федерација БиХ со мнозинско хрватско и муслиманско население и Република Српска, претежно населена со Срби. Дополнително постоеше и „специјална административна област” во градот Брчко на истокот на земјата. Создадена беше и Канцеларија на Високиот претставник на меѓународната заедница, задолжена за надгледување на имплементацијата на цивилниот дел од договорот, потсетува „Дојче Веле“.

За избегнување на можни тензии и конфликти, трите конститутивни народи – Бошњаците, Хрватите и Србите добија право на вето за заштита на своите „витални национални интереси”. Тоа значи дека нивните членови во Претседателството и во Парламентот на БиХ може да го блокираат секое решение доколку сметаат дека нивната етничка група е загрозена.

Потписниците се обврзаа меѓусебните односи да ги регулираат според Повелба на ОН, Завршниот хелсиншки акт и други документи на ОБСЕ, како и на меѓународно почитување на суверенитетот и решавање на недоразбирања на мирољубив начин.

Договорот има 11 анекси што се однесуваат на воени, на политички и на цивилни аспекти на мировниот договор, како и регионалната стабилизација. Анексот четири од Договор сè уште е Устав на БиХ.

Дејтонскиот договор беше постигнат во воздухопловната база Рајт-Петерсон, близу Дејтон, во американската држава Охајо. Конференцијата траеше од 1 до 21 ноември во 1995 година, а главни учесници беа Милошевиќ, Изетбеговиќ и Туѓман, американскиот посредник Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.

Дејтонскиот договор беше кулминација на шатл-дипломатијата, што ја почна Холбрук со неговиот тим под покровителство на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот