Докторката за фалсификати од Гевгелија вратила 23 илјади евра во болницата и куртули од обвинение за надрилекарство

А.А. од Гевгелија, за која „Слободен печат“ во истражувачката сторија „Докторка од Гевгелија – доктор за фалсификати“ обелодени дека со години била вработена во гевгелиската болница како „докторка“, а згора на тоа болницата ѝ плаќала и државна специјализација по анестезиологија и интензивно лекување, иако во моментот на вработувањето и на доделувањето на државната специјализација немала завршено Медицински факултет – заработи обвинение. Сторијата на „Слободен печат“ допре до Јавното Обвинителство Гевгелија. Станува збор за скандалозен случај кој му наштетувал на здравствениот и правниот систем и во опасност го доведувал јавното здравство и пациентите со години. Но, обвинението не е за надрилекарство. Ова кривично дело во Кривичниот Законик е дефинирано во членот 209: „Тој што без пропишана стручна подготовка се занимава со лекување или со давање медицинска помош, ќе се казни со затвор до една година и со парична казна“. За А.А. од Гевгелија, Обвинителството поднесе обвинителен предлог за фалсификување исправа и според Кривичниот Законик, за конкретните околности запретена е затворска казна од 3 месеци до 5 години.

Што точно се случувало во предметот?

 

Со години, почнувајќи во 2016 година па се до 2024 година, гевгелиската општа болница, на А.А. ѝисплаќала плата за општ лекар и надоместок за одвоен живот кога ја пратиле на државна специјализација по анестезиологија и интензивно лекување.

Но, во сето тоа навидум вообичаено секојдневие, имало еден огромен проблем: таа немала завршено Медицински факултет, немала лиценца од Лекарската Комора и следствено, и вработувањето и доделената специјализација ѝ биле дадени без да ги исполнува условите. Скандалозното е и во тоа што, специјализантите по анестезиологија и интензивно лекување, учествуваат на операции и породувања, согласно турнусите – што значи дека А.А. за сите години во кои специјализирала без да биде ни општ лекар, всушност била во салите низ скопските јавни здравствени установи.

Како краен резултат на системското распаѓање каде ѝ било дозволено да учествува во давањето здравствена заштита без дозвола, проневерени се над 110 илјади евра и изиграна е довербата на пациентите. Овие 110 илјади евра, се парите за платите, надоместоците за одвоен живот и за самата специјализација што се одлеале од касата на гевгелиската болница за обучувањето на овој кадар.

Досега вратила 23 илјади евра, тврди директорот на Болница Гевгелија д-р Патрик Матх

 

Директорот на гевгелиската болница доктор Патрик Матх, за „Слободен печат“ вели дека со А.А. болницата има склучено договор за таа постепено да ги врати парите. Изминатите 5 месеци, од вкупно 110 илјади евра што ги „должи“, таа веќе вратила 23 илјади евра, вели Матх.

Основниот услов да се добие државна специјализација е да се биде дипломиран доктор по медицина со лиценца од Лекарската комора и да се биде во редовен работен однос во јавна здравствена установа. А.A., иако не била дипломиран доктор по медицина, освен што се вработила во болницата во Гевгелија, на крајот на 2016 година, со одлука на Управниот одбор била упатена на државна специјализација. Во болницата прашавме, но не ни ги кажаа имињата на членовите на тогашниот Управен одбор кој ја донел оваа одлука а нив ги нема ни во обвинителниот предлог кој е насочен само против докторката.

Од Јавното обвинителство во независна истрага ги потврдија наводите во истражувањето на „Слободен печат“:

Обвинетата изготвила лажни јавни исправи – Уверение за дипломирање наводно издадено од Медицинскиот факултет при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј” во Скопје и Уверение за положен стручен испит наводно издадено од Лекарска комора на Република Македонија, а потоа на 22.09.2016 година ги употребила лажните документи како вистински, доставувајќи ги во прилог на пријавата на објавениот оглас за вработување на здравствени работници на неопределено време со завршено високо образование – доктори на медицина, објавен од страна на ЈЗУ Општа болница Гевгелија, велат од Обвинителството.

Врз основа на овие фалсификувани документи, Управниот одбор на болницата во 2016 година донел одлука со која обвинетата била избрана како единствен кандидат и вработена на работно место доктор по медицина. Истите лажни јавни исправи таа ги употребила како вистински пријавувајќи се и на објавениот јавен оглас за запишување на специјализација односно супспецијализација на Факултетот за медицински науки при Универзитетот ,,Гоце Делчев” – Штип по што и била одобрена специјализација за анестезиологија и интензивно лекување. Всушност, А.А. студирала медицина во Скопје на Медицинскиот факултет и во исто време била „специјализант“ далеку од овој факултет, односно специјализацијата ѝ била запишана на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Од 01.01.2017 година обвинетата започнала со специјализација и по завршен специјалистички стаж го положила специјалистичкиот испит за што Лекарската комора на Република Северна Македонија и издала Уверение за положен специјалистички испит, но кога обвинетата на 04.07.2024 година поднела Барање за издавање лиценца за работа по анестезиологија со интензивна медицина Лекарската комора утврдила дека обвинетата специјализацијата ја започнала врз основа на лажни документи кои не биле издадени од Медицинскиот факултет Скопје и од Лекарската комора. Од кои причини и бил поништен специјалистички стаж и испит, а барањето за издавање на лиценца за работа по специјалност анестезиологија со интерна медицина и било одбиено како неосновано, велат од Обвинителството.

Начинот на кој Лекарската Комора „ја фатила“ во измамата, е тоа што разликата меѓу нејзиното дипломирање и нејзиното специјализирање била неколку месеци – што е невозможно, освен во вакви ситуации кога ќе се изигра слабиот систем.

Непосредно после ова истражување на „Слободен печат“ Лекарската Комора воведе досега невоведена пракса, а тоа е дека на својата страница, јавно го објави регистарот на сите лекари што имаат лиценци, заедно со нивниот единствен број на лиценца кој не се менува во текот на целата кариера. На таков начин, здравствените установи веќе немаат изговори и мора вистински да ги проверуваат референците што кандидатите за вработување и специјализирање им ги доставуваат, а не само про-форма.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот