„Дојде време државата да има претседател Албанец“ – Таравари ја објави својата кандидатура и се спореди со Обама

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари на градскиот плоштад во Гостивар во присуство на албанската опозиција ја објави својата кандидатура за претседател на државата.

Тој рече дека челниците на опозицискиот блок на Албанците му понудиле да избере што сака, но заедно одлучиле дека неговата кандидатура за претседател е вистинскиот избор. Притоа додаде дека се надева на поддршка од сите граѓани, без разлика на верска и етничка припадност, а неговиот евентуален избор за претседател од немакедонската етничка заедница ја спореди со победата на Барак Обама во САД.

– Господинот Касами беше многу коректен во преговорите и ми понуди што сакам да изберам исто како и сите други партнери. На крај заедно анализиравме и донесовме заклучок  да се кандидирам за претседател. Ние сигурно ќе одиме во вториот круг, а за понатаму велат „надежта секогаш последна умира“. Во Америка се случи пред 15 години да победи еден човек со црна боја на кожата, па зошто да не можеме во Македонија да добиеме поддршка од сите националности. Јас ќе побарам поддршка од сите политички партии, вклучувајќи ги и другите албански партии и македонски и сите други кои сметаат дека јас сум човекот кој треба да ја предводи државата. Барам поддршка од сите невладини и групи на граѓани, но пред се барам поддршка од народот, кој е најважен за нас. Предлогот за мојата кандидатура е од пред еден месец, инсистирањето беше и од пријатели и од другари и од истомисленици. Седнавме со партиите од опозицијата и решивме, односно дојдовме до констатација дека е најдобро јас да се кандидирам за претседател и јас синоќа одлучив да се кандидирам, а ќе добијам подршка повеќе од очекувано, рече Таравари.

Тој на секој кандидат му посака успех. Оваа кампања, како што рече, ќе биде приказна за инспирација, европеизам и триумф, додавајќи дека е дојдено времето државава да има претседател Албанец, не технички туку вистински.

– Кога дипломирав за доктор, ја положив Хипократовата заклетва, а за мене најважен дел од заклетвата беше кога кажав дека свечено се обврзувам дека мојот живот ќе го ставам во служба на хуманоста. Ова ветување ме следи во секоја година и ден од мојата работа и ова ветување нека биде мојот мотив во оваа трка! Имаме можност диверзитетот во нашата земја да го претвориме во уметност на соживот и хармонија. Со взаемна почит ќе можеме да се вратиме на сонот кој сите можеме да го имаме и да го оствариме. Навраќајќи се на мојата заклетва, кога ја добив титулата лекар, се обврзав дека во извршувањето на мојата професија нема да влијае религијата, националноста, расата, политиката или класната припадност. Сакам овие зборови добро да ги запаметите, бидејќи тие ја изразуваат суштината на моето ветување и на задачата која еден претседател треба да ја има кон луѓето на неговата држава, порача Таравари.

Тој се осврна и на проблемите и поделбата на Алијансата за Албанците на две струи. Нема ништо лошо, вели тој, „што претседателот на Собранието на партијата Зијадин Села бара моја смена, тоа е легитимно, но јас ја имам поддршката и од членството и од народот.

– Тоа е легитимно право за разрешување внатре во партијата, нема ништо лошо во тоа. Но јас ја гледам поддршката и во Централното собрание, каде што сме 60% спрема 40%, а истата бројка е и меѓу членството. Но народот 90 % е за нашата, а 10 % за другата страна. Алијансата за Албанците е формирана како антипод на ДУИ, ние можеме со Села да го убедиме нашето членство, но тешко да го убедиш гласачот и граѓанинот дека треба да се помогне ДУИ и ако одевме ние со ДУИ ќе го саботиравме гласачот, вели Таравари.

Албанската опозизција в сабота ќе го официјализира својот заеднички настап на претседателските и парламентарните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот