Доброволни дарители на туѓа крв

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Не можам да поверувам, како има луѓе што сè уште наоѓаат грам логика или резон во некое воено дејствување. Односно во уништување и разорување. Дали во Украина, дали во Босна, Ирак или Авганистан. Приказната е секаде иста, копипејстирана: во ужасите на војната страда невино цивилно население, во која еден ден трае како цела една година, гинат млади војници од двете завојувани страни, а тие ШТО даваат „насоки и команди“ на крајот ќе излезат побогати и помоќни.

Кога ги гледам секојдневно, а и читам за нив, овие од руската бестијална воена агресија врз Украина и врз украинскиот територијален интегритет и суверенитет за недобројаните војнички, но пред сè цивилни жртви – млади, жени и, што е најстрашно, деца, без разлика што секој човечки живот е вреден и боли, не можам да не се потсетам на таквите ужаси од „граѓанската“ војна во Босна и  Херцеговина, која во суштина беше војна на југословенската армија, командувана и контролирана од српски генерали и офицери, но и од паравоени гарди и структури на српски психопати, од типот на Р. Младиќ или Р. Караџиќ, аналогно слични на тие на Е. Пригожин.

Овие денови се одбележува годишнината од геноцидот во Сребреница, кога српските (православни) воени одреди за само неколку денови извршија масакр и колежи на повеќе од седум илјади мажи и деца над петнаесет години од бошњачка националност (муслимани), вршејќи го најголемото злосторство против човештвото по Втората светска војна, сè до овие новиве низ украинските градови и села. И, на сево ова, човек си го поставува прашањето, зошто? Зарем сето тоа, тие ужаси на војната каде што се урнисува цел еден свет, каде што животите на луѓето горат пред вашите очи како свеќи, а тие што остануваат живи живеат во вистински пекол и можеби посакуваат да се мртви, зарем не можеле да се одбегнат и да се спречи таквиот развој на настаните? Зарем од болните и психопатските мозоци на тие во кои е концентрирана целата државна и национална моќ зависат животите на милиони луѓе, денес во модерниот дваесет и први век?

Праќаат туѓи деца во смрт, за нивните да уживаат во луксуз!

Во едно феноменално интервју дадено од еден од преретките српски нормални либерални политичари, деценискиот лидер на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак, за емисијата „Во центар“ кај нашиот новинар Васко Ефтов, кога ја критикуваше „улогата“ на Шешељ, Младиќ, на Караџиќ и на другите воени злосторници од просторите на поранешна Југославија, во војните што значеа неверојатно крвав распад на поранешната заедничка држава Југославија, тој иронично ги нарече „доброволни крводарители на туѓа крв“, алудирајќи дека од нивната „патриотска политика“ стотици илјади млади и повозрасни отидоа во смрт, а тие денес, да не беше Хашкиот трибунал, ќе живееја во раскош. Исто онака како што живее денес командантот на УЧК, лидер на најмоќната политичка партија на етничките Албанци кај нас, А. Ахмети, со кодно име „Александар Антиќ“ во досиејата на УДБА, како осведочен агент соработник на поранешните југословенски тајни служби. Да, тој по налог на тие служби ја почна војната или воениот конфликт кај нас, одработувајќи за српските интереси во Македонија, за денеска да биде „најголемиот Албанец“ во Македонија, по чии заслуги се унапредиле правата на етничките Албанци и се подобрил нивниот живот и животен стандард. Да, ама не во Челопек и Крушопек, туку во Цирих, Брисел или во Минхен.

Испрати командантот во смрт стотици (некои велат и илјадници) млади „борци“ за каузата, за денеска неговите синови и внуци од неговата најтесна фамилија да можат да купуваат во милионски суми трговски центри, да добиваат милионски тендери од државни институции и да им „вртат“ камиони и милиони за нив, додека обичниот етнички албански жител кај нас (бидејќи тие се само и исклучиво репрезенти на етничките Албанци во Македонија), ќе живее во беда и во сиромаштија. Материјална, социјална, духовна, па и инфраструктурна. Така ќе заврши и топовското месо на Путин и на Пригожин во Украина, млади деца што ќе загинат за ништо и ќе ги зацрнат своите мајки и татковци за цел живот, додека децата на овие двајца ќе „тонат“ во луксузни јахти, палати и хациенди, најчесто во државите и монденските места низ „злиот Запад“. Така завршија и поданиците на УЧК низ војните во Косово и во Македонија, во гроб и смрт на млади години, додека децата на Ахмети, Харадинај, Хашим Тачи и останати „команданти“ ги живеат животите во материјални богатства како што ни еден Барак Обама денес не поседува. Такви беа и се и децата и наследниците на српските „генерали“ од војните што беснееја низ Југославија.

Иста приказна

Ова му доаѓа како некоја ужасна причинско-последична закономерна врска во која на крајот од денот цехот го плаќаат најневините, а тие што ја предизвикале војната, директно или индиректно, излегуваат уште повеќе материјално побогати со нејзиното завршување. Како класични воени профитери. Не можам да поверувам како има луѓе што сè уште наоѓаат грам логика или резон во некое воено дејствување. Односно, во уништување и разорување. Дали во Украина, дали во Босна, Ирак или во Авганистан.

Приказната е секаде иста, копипејстирана: во ужасите на војната страда невино цивилно население, во нив еден ден трае како цела една година, гинат млади војници од двете завојувани страни, а тие што даваат „насоки и команди“ на крајот ќе излезат побогати и помоќни. Додека децата нивни, засолнети далеку некаде од „патриотската војна“ која ја водат нивните татковци, уживаат во расипнички луксуз, трошејќи милионски суми украдени народни пари.

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот