Дивоградбите вандализираат, државата уште анализира!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот Регион во моментов се анализира низ формален процес во институциите во Република Северна Македонија. По ова ќе биде објавен финалниот извештај од страна на УНЕСКО.

Вака одговори Владата по пишувањата дека е можно статусот „светско наследство” за природното и културно наследство кој Охридскиот Регион го има добиено од организацијата на Обединетите Нации за заштита на културното наследство уште во 1979 година да биде преиначен во природно и културно наследство во опасност.

„Власта на Република Северна Македонија останува цврсто посветена на зачувување на статусот ‘светско наследство’ за природното и културно наследство во Охридскиот Регион. Со сите свои политики и постапки докажуваме дека заштитата на нашето духовно и материјално наследство е меѓу врвните приоритети. Во таа насока е сѐ што како Влада го преземаме да го заштитиме и Охридско-струшкиот регион, во исто време подобрувајќи го квалитетот на животот на граѓаните и афирмирајќи го владеењето на правото“, пишува во одговорот на Владата.

Министерството не го добило извештајот

Од Министерството за транспорт и врски, пак, ни одговорија дека не коментираат, бидејќи уште го немаат добиено Извештајот на УНЕСКО за Охридскиот Регион. Ова Министерство во јуни 2019 година беше задолжено од Владата да изработи Инвентар на дивоградбите во регионот на Охридското Езеро, како дел од обврските произлезени од Извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО. Во него имаше долга листа на критики за начинот на кој државата го заштитува културното и природното наследство на Охрид.  Нелегалното градење, толерирањето на дивоградбите и узурпација на просторот беа посочени како најголеми проблеми и слабости во управувањето.

– Во однос на „инвентарот“ за дивоизградени објекти на ниво на општини, досега извештаи се доставени од Општина Охрид и Дебарца, но тие  не се комплетни. Општина Струга нема доставено извештај со дивоизградени објекти – велат од Министерството за транспорт и врски. Оттаму потенцираат  дека тие имаат обврска само да ја координираат активноста околу решавање на статусот со бесправно изградени објекти на охридското крајбрежје, но немаат надлежност да издаваат решенија за уривање на дивоизградени објекти.

„Тоа е во надлежност на локалните самоуправи“, се вели во одговорот од Министерството за транспорт и врски до „Слободен печат“.

За утре закажан е состанок со Комисијата во која членуваат општина Охрид, Општина Струга, Општина Дебарца, Национален парк Галичица, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на споменици од Охрид. На средбата ќе се разговара за статусот и акцискиот план за дивоизградените објекти во споменатите општини.

Пред Нова година, Националниот парк Галичица на чијашто територија се наоѓаат две третини од подрачјето заштитено од УНЕСКО до Работната група формирана од Министерството за транспорт и врски, во склад со препораката на УНЕСКО за справување со бесправните градби за кои е донесено решение за уривање, доставило список од 29 објекти, за кои тие сметаат дека се приоритетни за уривање.

Министерството за транспорт и врски најави дека за годинава предвидело средства за изработка на Урбанистички план за крајбрежјето на Охридското Езеро, со што етапно ќе се решава статусот со дивоградбите во крајбрежниот појас на езерото.

И палмите се неавтохтони

Сите градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, се вели во соопштението на Општина Охрид, откако беа објавени нацрт-забелешките содржани во Извештајот на УНЕСКО за тоа колку централната и локалната власт се придржувала до обврските и препораките на УНЕСКО, нотирани во претходниот извештај.

„Според препораките што беа во надлежност на Општина Охрид, беше изготвен инвентар на бесправно изградени објекти и беше воведен времен мораториум за градба на целата територија на општината“, велат од Општината. „За првпат по 17 години беа спроведени низа активности за отстранување на бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации. Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период.“

Оттаму наведуваат дека, со цел да се исполнат препораките на УНЕСКО во сферата на урбанизмот, Општина Охрид започнала процес за изготвување на урбанистички планови за 18 охридски села, како еден од најефикасните начини за борба со дивоградбите, обезбедување на соодветни услови за градење и развој на руралните подрачја, дека била изготвена Студија за валоризација на просторот на Студенчишко блато заради негово прогласување за заштитено подрачје, биле спроведени активности за отстранување на рекламните билборди и неавтохтони насади – палми“, пишува во реакцијата на Општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот