Д-р Реџеп Мемеди -директор на детска клиника / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Директорот на Детската Клиника Мемеди ги обвини „злонамерните поединци“ и „лажните Фејсбук профили” за хајка

Директорот на Детската Клиника доктор Реџеп Мемеди ги обвини „злонамерните поединци“ и лажни „Фејсбук профили“ дека му креираат дезинформациска кампања за наводна зголемена смртност на Клиниката за детски болести, иако според него – смртноста биле значајно намалена споредено со минатите 10 години.

Инаку на Детската Клиника како што обелодени „Слободен печат“ почина 14 месечно бебе кое неколку пати било одбивано за хоспитализација, но Мемеди денеска откри дека двете докторки што требаше да одговараат пред комисија за дисциплински престап за тоа што не го хоспитализирале детето – уште не се санкционирани. Имало рок од 60 дена за да се стори тоа. Министерот за здравство Арбен Таравари побара одговорност за смртта на ова бебе, најавена беше дисциплинска комисија но Мемеди откри дека до денес за нив нема никаква одговорност.

Ништо конкретно не кажа директорот за тоа како ќе го надмине опасниот и сериозен недостаток што го констатира Државниот здравствен и санитарен инспекторат – дека наместо специјалисти лекари, на клиниката дежураат специјализанти.

-Недостигот на кадар е системски недостаток кој се провлекува со години. Да, дежураат специјализантите ама и специјалистите се присутни. Имаме сериозен недостаток на кадар. За последните 15 години од Клиниката заминале 40 специјалисти или во пензија или во приватното здравство. Зошто се случил ваков егзодус од Детската клиника и таа состојба сум ја наследил? Ваков недостиг на кадар е прашање кое не може да се реши преку ноќ, рече Мемеди.

Мемеди без да биде конкретен ги обвини „поединците од неговата клиника со болна намера за власт и позиција“ за репутацијата што Детската клиника ја има деновиве. Призна дека два лифта не работат, дека ЕЕГ апаратот не работи ама направил набавка, дека кујната каде што се подготвува храната е 20 годинии стара и амортизирана и просторно и со опрема. Директорот се фалеше дека е достигнување она кое што е обврска на Владата- а тоа е да обезбеди хормон за раст за децата. Рече дека сега нема деца што чекаат за хормонот, односно сите на кои им е потребен го добиваат.

-Во последно време сме сведоци на една асиметрична кампања насочена против нашата клиника и против мене иницирана од поединци тука, со лични интереси и болна намера за власт и позиција преку злоупотреба на детски судбини. Тие поединци знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи кривично се одговара и затоа не излегуваат со име и презиме туку се кријат зад лажен Фејсбук профил.

Имаше тенденција да се прикаже дека за моето директорување од 3 месеци има голема стапка на смртност на Детска Клиника. Фактите го говорат спротивното. Секако дека децата ни се најомилени и животот на секое дете вреди повеќе од се. За волја на вистината, ќе објавам официјални статистички податоци од Детската Клиника за смртноста. Сега имаме двапати помала стапка на смртност во споредба со претходните 5 години. Трипати помала смртност во споредба со пред 10 години. Тогаш во просек имало 9 умирања месечно, на секој трет ден имало по еден смртен случај и на власт била друга гарнитура.

Не смееме да дозволиме некои злонамерни поединци да нанесат штета на целиот персонал и на Детската клиника кој деноноќно работи и се грижи за здравјето на сите деца. Оваа клиника е храмот на детското здравје, за нашите најмили кои честопати излекувани ја напуштаат Клиниката. Вакви успешни приказни има илјадници годишно. Секако имаме предизвици за да ги подобриме капацитетите, рече Мемеди.

Директорот набројуваше проблеми на клиниката со кои се справува, како тоа што пумпната станица е руина и само една пумпа овозможувала притисок за хидрантите.

-Ова е пумпна станица на Детска Клиника, со дефекти. Секоја недела имаме недостиг на вода. Една пумпа овозможува притисок за хидрантите. Ако ни се случи пожар по спратови, немаме како да го изгасиме. Работам на решение и ќе обезбедиме нова станица за пумпи. Лифтовите се преку 40 години стари и два не работат уште од пред да дојдам на функција. Нашите пациенти се качуваат по скали. Ќе монтираме нови лифтови два. Другите два следната година ќе ги замениме, рече директорот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот