Димитриевски им порача на противкандидатите да не бегаат од дебата

Максим Димитриевски/Фото: Фејсбук

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска јавно ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова за, како што рече, да ги соочат пред граѓаните своите планови и програми.

Според Димитриевски, на телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно „оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите“.

Димитриевски, кој имаше средби со граѓани на Зелено пазарче, оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите.

– Сакам да упатам апел до сите мои противкандидати, првенствено до двајцата најфаворизирани од македонскиот и двајцата најфаворизирани од албанскиот политички блок, да не бегаат од дебата, да им дадат можност на граѓаните да ги слушнат плановите и визиите на сите нас, да кажеме што планираме да работиме од позиција на шеф на државата ако бидеме избрани. Барам од мојот противкандидат Стево Пендаровски да излезе на телевизиски дуел со мене и да ги соочи своите факти и аргументи. Исто така барам и Гордана Силјановска – Давкова да ги соочи аргументите со мене и со останатите противкандидати. Во спротивно, ќе сметам дека бегаат од јавна дебата зашто немаат што да им понудат на граѓаните. Во оваа држава, покрај партиските членства, живеат и други граѓани и имаат право да слушнат што идниот претседател планира да изреализира од позицијата што ќе ја добие, истакна Димитриевски.

Граѓаните, дополни, не заслужуваат „ваква нетранспарентна, селективна и наменска кампања како што има во моментов“.

– Недозволиво е за претседателските кандидати кои се најфаворизирани во сите средства за јавно информирање, да бегаат од јавна дебата. Имам чувство дека оваа наменска кампања се води единствено за два кандидата кои се фаворизираат по секој основ и добро е за демократијата и за Македонија во целост, граѓаните да добијат можност да не видат и да не слушнат сите во исти услови, зашто целата кампања не е еднаква за сите. Ние, како претставници на граѓаните со граѓанска иницијатива или претставници на мали политички субјекти, сме незабележливи во делот на информирањето, додека останатите кандидати се секојдневно присутни на сите медиуми во закупниот медиумски простор што го налага законот. Не сме еднакви, подвлече Димитриевски.

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски, кој се трка за втор мандат ги покани неговите шест противкандидати на две мастер дебати, како форма на претставување и соочување со кандидатите со кои би се избегнале или би се намалиле обвинувањата и би се отворила можност сите седуммина да се соочат со своите програми за претстојната изборна трка.

Штабовите на останатите претседателски кандидати се согласиле да се одржи мастер дебата, но, дел од кандидатите имале услов на дебатата да не присуствуваат Стевчо Јакимовски кој се најде на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска, поради нејзините ставови за ЕУ и НАТО.

Поради вакви специфични барања, од штабот на Пендаровски соопштија дека сепак мастер дебатите нема да се одржат.

Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.

За изземање на дел од кандидатите, од штабот на Пендаровски изјавија дека тоа не е можно, бидејќи Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати. Исто така, наместо две дебати предвидено беше да се одржи само една, со предлог таа да биде на 10 април.

Нема да се одржат мастер дебатите на претседателските кандидати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот