ДИК ќе спроведе ждрепка за утврдување на редоследот на претседателските кандидати

Државна изборна комисија - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Најголемите политички партии викендов ги презентираа програмите за парламентарните избори, а дел ги промовираа и носителите на листите за пратеници, како и претседателските кандидати. Денеска се очекува да биде познат и редоследот на кандидатите за претседател на избирачкото ливче.

Државната изборна комисија напладне ќе изврши ждрепка за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати за претседател на државата, а потоа и ждрепка за распределба на рекламните паноа и билборди.

Роковите за изборните дејствија течат, донесени се одлуки за едукација на изборните органи, а најдоцна до 2 април до ДИК треба да бидат доставени и кандидатските листи за пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ вчера ја промовираше изборната програма за претстојните избори, а СДСМ во саботата одржа конгрес на кој ги промовираше носителите на кандидатските листи за пратеници.

Под мотото „Силно, одговорно и чесно за пристоен живот и европска иднина“ вчера и НСДП го одржа Шестиот конгрес, на кој најави поддршка за актуелниот претседател Стево Пендаровски, како и учество во Европската коалиција предводена од СДСМ на парламентарните избори.

И Централниот одбор на ДОМ донесе одлука претседателката на партијата, Маја Морачанин да биде кандидат за пратеник на шестата позиција на заедничката листа на коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборна единица. Како што соопштија од ДОМ, членовите на Централниот одбор изразиле задоволство од прифаќањето на барањата од ДОМ поврзани со заштитата на животната средина од страна на кандидатот за претседател Стево Пендаровски и донеле одлука за поддршка на неговата кандидатура.

Од коалицијата предводена од СДСМ вчера излезе партијата „Достоинство“.

– Поради неисполнети очекувања за надминување на горливиот проблем со кој сè уште се соочуваат необесштетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, во согласност со моите јавни укажувања и барања од мај, минатата година, повторени во многу мои јавни настапи во периодот потоа, „Достоинство“ излегува од коалицијата предводена од СДСМ, рече вчера лидерот на партијата Стојанче Ангелов.

Иницијативите на „Достоинство“ поднесени до Владата и Собранието, со кои, како што рече, нуделе решение на овој проблем, добивале постојана поддршка од страна на поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но, според нив, поради противењето на ДУИ, истите не поминале.

Информираше дека раководството на партијата донело одлука да ја прифати можноста да коалицира со ВМРО – ДПМНЕ.

Конвенција за презентација на претседателскиот кандидат и носителите на листи за пратеници одржа и партијата ЗНАМ. Кандидатот за претседател на државата, Максим Димитриевски истакна дека заложбата на ЗНАМ е сите што живеат во државата да произведат доволно храна и енергија за, како што рече, „да бидеме свои на своето“.

Денеска се очекува Демократската унија за интеграција (ДУИ) да потпише договор за коалицирање со ДПА на Мендух Тачи, а медиумите јавуваат дека во оваа коалиција ќе влезе и партијата на актуелниот градоначалник на Шуто Оризари Курто Дудуш. Претходно, ДУИ потпиша договор за коалиција и со партијата на Скендер Реџепи Зејд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот