Дигитализацијата на образованието е добар чекор, но не смее целосно да го замени традиционалниот начин на учење

Дете, учење, ученик, училиште, лаптоп
Фото: Pexels/ August de Richelieu

Во Македонија веќе подолго време има обиди да се воведе концептот за дигитализација на образованието, што првпат беше споменат од поранешната министерка за образование Мила Царовска. Учениците од четврто до шесто одделение од второто полугодие ќе имаат можност да се запознаат и со првите дигитални интерактивни учебници, кои нема да ги заменат традиционалните печатени учебници, туку ќе служат како дополнителна опција со која преку видеа, слики, илустрации, квизови… ќе им го олесни процесот на стекнување знаење.

Додека Македонија се обидува да го дигитализира образованието, Шведска реши да се врати на традиционалните книги и пишување во тетратка.

Оваа скандинавска држава долго време се гордее со своите дигитализирани училници, но се покажа дека и тоа има свои недостатоци. Така, конзервативната влада сега сака повеќе книги во училиштата, а за ова во 2023 година издвои 60 милиони евра.

Враќањето на традиционалните методи на учење е одговор на загриженоста на политичарите и експертите дали хипер-дигиталниот пристап во образованието во земјата – која воведува таблети уште во градинка – доведе до пад на основните вештини.

Фото: Профимедиа

Во разговор за „Слободен печат“, учителка од едно скопско основно училиште раскажува дека дигиталните учебници ѝ помагаат за наставата, но бидејќи работи во добро опремена училница, со електронска табла и лаптоп.

– Дигитализацијата во образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение. Ние живееме во земја со слаба дигитална мрежа и кај нас не сите ученици ги имаат истите услови и не сите училишта имаат соодветна структура. Наставниот кадар е обврзан да изучува и стекнува релевантни дигитални вештини што најчесто се на сопствен трошок, вели таа.

Во декември минатата година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека Македонија ги има првите дигитални интерактивни учебници кои нема да ги заменат печатените учебници, туку само ќе служат како дополнителен материјал за надградување на знаењето. Учебниците се достапни на пет јазици – македонски, албански, турски, српски и босански.

– Северна Македонија ги има првите дигитални интерактивни учебници, изработени за учениците од четврто, петто и шесто одделение. Тие се достапни на посебна онлајн платформа – nastava.mk и официјално можат да се употребуваат, не како замена за печатените учебници, туку како една дополнителна опција која може да им го олесни процесот на стекнување знаења. Достапни се во секое време и на секое место каде има пристап до интернет мрежа, а секој ученик сам ќе може да одлучи дали ќе користи дигитален или пак печатениот учебник кој го добил во училиштето. Или комбинирано, изјави министерот Шаќири.

Тој додаде дека дигитални учебници за пониските одделенија нема да има, за да се почитуваат педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор.

Фото: Принтскрин

Од психолошко педагошки аспект, учителката смета дека воведувањето на дигитализацијата на учебниците ќе го намали квалитетот на совладување на материјалот иако навидум се чини дека дигиталните учебници ќе го олеснат и подобрат совладувањето на материјалот и ќе го направат поинтересен за децата, сепак тоа не е така и тоа ни го покажа и досегашното искуство, уште од времето на пандемијата на ковид-19.

– Ова ни кажува дека наставата не смее да се сведе само на дигитални содржини на сметка на класичното учење и интеракција и комуникација ученик-наставник, додава таа.

Повеќе време пред учебници, а помалку пред таблети

Шведската министерка за образование, Лота Едхолм, пред да стане министерка беше еден од најголемите критичари на целосното прифаќање на технологијата.
-На шведските ученици им требаат повеќе учебници. Физичките книги се важни за учење, рече Едхолм во март.

Дел од училишното назадување веројатно е резултат на пандемијата со ковид-19, како и зголемениот број на ученици кои доаѓаат од семејства на имигранти, чиј мајчин јазик не е шведски. Сепак, образовните експерти сметаат дека прекумерното користење на технолошките уреди во школите може да придонесе младите да назадуваат во основните предмети.
„Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки го нарушуваат, наместо да го подобруваат учењето кај децата. Ние веруваме дека фокусот треба да се стави на учење од хартиени учебници и стручноста на наставниците, наместо примарно да се добива знаење од слободно достапните дигитални извори, чија точност не е проверена“, велат од Институтот Каролинска, еден од најпрестижните универзитети во Шведска.

Деца читаат книга во училница / Фото: Johner Images / Alamy / Alamy / Profimedia

Брзото прифаќање на дигиталните алатки за учење ја загрижи и Агенцијата за образование и култура на Обединетите нации (УНЕСКО). Во извештајот што го објави минатата година, Агенцијата апелира на соодветно користење на технологијата во образованието. Државите беа повикани да го забрзаат интернет пристапот во училиштата, но истовремено и беа предупредени од Агенцијата дека технологијата во училиштата мора да биде имплементирана на начин кој никогаш нема да го замени образованието и поддршката која ја даваат наставниците.

Учениците во Македонија и понатаму учат според традиционалниот облик на настава со печатени книги, а како опција, ако сакаат можат да учат и од електронски книги кои се достапни на веб-страницата Е-учебник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот