Дигитализацијата на матичните книги ги остави незаштитени личните податоци на граѓаните, не се знае кој пристапил до нив и каде се изнесени

матично управа за водење матични книги (4)
Слободен печат. / Драган Митрески

Анализирајќи ги податоците од двата тендери за воведување на дигитални регистри со податоци за умрени, родени и венчани лица во Управата за водење матични книги, Антикорупциската комисија откри низа недоследности во постапките и опасност личните податоци на граѓаните на РСМ да бидат злоупотребени бидејќи во тендерските документации никаде не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста и личните податоци на граѓаните.

Наводите на ДКСК  ги потврдува и Агенцијата за заштита на личните податоци која извршила вонредна супервизија во Управа за водење на матични книги и во април годинава носи решение со кое утврдува повреда на Законот за лични податоци и и наложува на УВМК да преземе лепеза на мерки и активности за да превенира штетни последици од ваквиот начин на “дигитализација на матичните книги”.

-Поединечните договори со ангажираниот кадар од страна на економските оператори не се во согласност со легислативата од областа на личните податоци и  се добива впечаток дека економскиот оператор не прави разлика меѓу овластено лице, обработувач и контролор, заради што неопходно е истите да се поништат и ангажираните лица да добијат посебни овластувања. Контролорот, односно Управата за водење на матични книги нема евиденција за хардверот, серверите и софтверските апликации на кои личните податоци се обработуваат, нема логови за влез во матичната евиденција, личните податоци се складирани на сервер без да може да се идентификува кој има пристап до серверот, економските оператори ги собирале податоците без придружба од службени лица од Управата за водење на матични книги, просторијата каде што се скенирале личните записи не била физички обезбедена, не може да се утврди идентитетот на лицето кое пристапило до софтверските модули каде што се внесени скенираните записи и личните податоци, преносните медиуми не биле заштитени, немало докази за превенирање на неавторизиран пристап до личните податоци, не се знае кој пристапил до личните податоци, каде истите биле изнесени, каде завршиле и со каква цел, констатирала Агенцијата за заштита на личните податоци.

ДКСК се сомнева дека двата тендери во Управата за водење на матични книги се добиени како производ на незаконски влијанија, а тоа го потврдува и истрагата на Управата за финансиска полиција која во декември 2022 година осомнични раководно и други службени лица вработени во Управата за водење на матични книги за внесување на дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор во тендерската документација, со цел договорот за јавна набавка да биде доделен на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје.

Новатек Инв во конзорциум со економскиот оператор Аукта ДООЕЛ Скопје биле избрани на тендерот во февруари 2021 година, а договорот со Управата за водење на матични книги го склучиле во марти истата година.

-Изворниот код за пристап до податоците од матичните книги бил даден на USB, а примопредавањето е потпишано од вработен во Управата за водење на матичните книги на РСМ, како давател и од страна на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, како примател. Врз основа на прибавената документација, не може да се утврди дека документот за примопредавање е заведен во архивата на Управата за водење на матични книги, констатира ДКСК и наведува дека оваа дирма е основана во декември 2020 година непосредно пред започнувањето на постапката за доделување на договорот за јавната набавка.

-Сопственикот и управител на НОВАТЕК се јавува како основач и застапник на едно Здружение за меѓу гранична соработка помеѓу Република Северна Македонија, Албанија и Косово. Ова лице од Скопје, се јавува како вистински сопственик, основач и управител на повеќе трговски друштва меѓусебно поврзани и со друштва од соседна земја, открива ДКСК и потсетува дека за оваа јавна набавка и предмет отвори и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во мај 2021 година.

Поради постапката во обвинителството и потребата согласно одлуката на владата за спроведување на дигитализација на матичните книги уште од 2019, отворен е нов тендер на кој повторно не се водело сметка дека личните податоци не се класифицирани податоци, со оглед дека истите потпаѓаат под висока заштитна регулатива согласно со легислативата за собирање, контрола, пренос и обработка на личните податоци и тогаш понуди доставиле три економски оператори.

-Се работи за истите лица кои претходно беа ангажирани со горе наведената јавна набавка од 2021 година, вработени во Аукта ДООЕЛ Скопје од Скопје. Биле доставени и потребните ISO сертификати. По отворањето на понудите, бил сочинет извештај од спроведена постапка, според кој како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор од Скопје кој ги понудил наведените стручни лица, но оваа компанија иако основана во 2013 година има вистински сопственик, основач и управител кој е поврзан со економскиот оператор Аукта ДООЕЛ Скопје и Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, затоа што истиот стручен кадар е ангажиран и во првиот тендер и во вториот тендер, нотира ДКСК.

Токму поради сите овие сознанија ДКСК одлучи да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за овој предмет.

-Постојат сомнежи за несовесно работење, за злоупотреба на службената положба и овластувања, за злоупотреба на постапката за доделување договори за јавни набавки преку фаворизирање на економски оператори. Исто така, утврди состојби што укажуваат за постоење сомневања дека со наведените постапки од страна на службени лица во Управата за водење на матични книги и од страна на одредени правни и физички лица е овозможено неовластено откривање и со тоа можна злоупотреба на личните податоци на граѓаните на Република Северна Македонија, наведува ДКСК.

Антикорупциската комисија откри и фаворизирачки елементи во јавните набавки се ISO сертификатите за работа со класифицирани податоци и информации, какви што не се личните податоци на граѓаните на РСМ. „Ангажираните лица од техничкиот кадар кај економските оператори е ист и во првиот и во вториот тендер и токму нивниот ангажман е спорен, т.е. нивните договори не се во согласност со легислативата за заштита на личните податоци. Конечно, треба да се испита поврзаноста меѓу Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, Аукта ДООЕЛ Скопје, и другите економски оператори од двата тендери и нивната поврзаност со економски оператори односно субјекти од соседна земја“, нагласуваат Антикорупционерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот