Професор Ивајло Дичев/Фото: Дојче веле

Дичев го исмева барањето на Трифонов: Додека не добие Нобелова награда, Бугарија да блокира во ЕУ

Професор по културна антропологија од Софискиот универзитет Ивајло Дичев ги смета деновиве изнесените барања на лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, за класична уцена и предлага „алтернативно решение“ со голема доза иронија, пишува „Дојче веле“.

Ставовите на шоуменот и политичар Трифонов, кој во понеделникот побара Бугарија да влезе во Шенген-зоната, а САД да ги укинат визите за бугарските граѓани, во замена за тргање на блокадата кон Северна Македонија во ЕУ, предизвикаа многу полемики. Трифонов денеска се дообјасни, објавувајќи нов статус на Фејсбук во кој бара „Северномакедонците да ги признаат своите историски бугарски корени“.

Три од четирите партии во бугарската владина коалиција: Промената продолжува, БСП и Демократска Бугарија се дистанцираа од ставовите на Трифонов. Оттаму изјавија дека Софија има јасно зацртана стратегија за преговори со Северна Македонија која дополнително ќе се прецизира на седница на Консултативниот совет за национална безбедност кој го свика претседателот Румен Радев.

Од друга страна, на ставовите на Трифонов реагираа и повеќе интелектуалци во земјата. Еден од нив, професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија и колумнист на „Дојче веле“, Ивајло Дичев, оценува дека „решението што Трифонов го предлага за Северна Македонија се нарекува уцена“.

„А историјата покажува дека односите со евроатлантските партнери не напредувале многу преку уцени. Посебно кога терористот (т.е. Бугарија) се заканува да го уништи сопствениот регион и националниот интерес, надевајќи се дека некој ќе оди да го спаси“, пишува Дичев на својот фејсбук-профил.

Тој, со доза на иронија, предлага поинаква идеја.

„Многу сум навреден што немаме нобеловец. Па, изјавуваме дека додека не ја добиеме Нобеловата награда за литература, хемија или барем за мир, ќе ги блокираме сите одлуки на ЕУ. Ни проширување, ни фондови, ни ѓавол. И – тврдоглаво, додека не клекнат Швеѓаните!”, пишува Дичев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот