Џафери: Се надевам на надминување на разликите во преговарачкиот процес, во спротивно евроскептицизмот ќе расте

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери оствари видео средба со претседателот на Националниот Совет на Република Австрија, Волфганг Соботка.

Претседателот Соботка се заблагодари за телеграмата со сочувство упатена по терористичкиот напад во Виена на 2 ноември оваа година, истовремено изразувајќи сочувство за државјанинот на Република Северна Македонија кој како жртва настрада во овој ужасен акт.

Двајцата соговорници се согласија дека борбата против тероризмот бара вклучување не само на полицијата, туку и на целото општество, бидејќи тој не познава ниту религии ниту етнички заедници, а казнените мерки, се важни исто колку и механизмите за превенирање и рано идентификување на радикализацијата.

Тие ја пофалија активната соработка и ефективната размена на информации меѓу институциите на двете држави во борбата против тероризмот.

Претседателите Џафери и Соботка разменија и мислења во врска со состојбите во двете држави со пандемијата Ковид 19. Заклучија дека ситуацијата е подеднакво тешка, дека притисокот кон здравството е силен, дека влијанието врз економијата е негативно и дека за справување со ширењето на вирусот потребно е координирано дејствување и целосно искористување на сите расположливи човечки и материјално – технички ресурси.

За оваа цел, информираше Џафери, во Република Северна Македонија е прогласена кризна состојба во траење од 30 дена.

-Во однос евроинтеграциите, претседателот Соботка истакна дека Република Австрија останува силен подржувач на Република Северна Македонија за што е можно побрзо отворање на преговорите и дека тој свој став цврсто го застапува на сите нивоа во институциите на Европската Унија. Во однос на бугарското вето, претседателот Џафери истакна дека каналите за комуникација остануваат отворени и дека се надева на надминување на разликите во преговарачкиот процес. Во спротивно, евроскептицизмот ќе расте, заклучи Џафери.

Двајцата претседатели изразија задоволство што и во овие вонредни околности на работење, продолжува соработката за формирање на Работилница за демократија во Собранието на Република Северна Македонија по примерот на онаа која делува во рамките на австрискиот Парламент, а која има за цел да сподели знаење и да го стимулира интересот за политика и за демократски процеси кај младите.

Претседателот Соботка изрази желба лично да присуствува на отворањето на Работилницата во Собранието на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот